Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
На самиот влез во дебатата за уставната измена која цели кон интегрирање на делови од неколку дополнителни народи во нашиот Устав, пожелно е да се потсетиме на големата слика.
Уставната измена е само еден, но неопходен чекор во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Таа може да се опише како дрво во големата и згусната шума низ која треба да ја пронајдеме најкусата патека и конечно да го видиме светлото на денот и синото небо. Но во моментов имаме проблем со ова дрво, истопорено пред нас. Во мислите го разгрануваме и разлистуваме, и како му се доближуваме така видокругот драматично ни се стеснува, се до момент кога поради големото замислено дрво не ја гледаме шумата, ниту пак патеката по која се движевме и можеме да продолжиме да се движиме. Потребно е само да го поминеме дрвото, но загледани сме во него во состојба која граничи со опседнатост. Почнуваме постепено но сигурно, да пројавуваме колективен симптом на опсесија.
Во психологијата како наука за умот или поконкретно за проучување и разбирање на менталните процеси, функциите на мозокот и однесувањето, опсесивноста се дефинира како постојана и вознемирувачка преокупација со идеја или мисла која тешко се отстранува. Како гостин кој одбива да си замине. Дека во моментов ни се случува облик на колективна опсесивност упатува симптоматологијата на репетитивни текстови и прилози во медиумите посветени само на дрвото, постојаната потреба за докажување на сопственото убедување, потешкотиите во комуникација со другите и недостатокот на фокус на нешто друго (на пример – шумата, големата слика или процесот) поради опсесијата со првото и најзначајното – дрвото односно уставната измена. Притоа, сосема природна но истовремено ризична е тековната транзиција од колективна опсесивност во масовна напнатост или анксиозност. Иронијата како што укажуваат професионалните психолози е во тоа што анксиозноста предизвикана од самите мисли честопати доведува до повеќе од истите овие мисли.
Како да ја исконтролираме колективната опсесивност и се поприсутната анксиозност?
Според практичарите во психологијата, треба од време навреме да ги одвратиме нашите мисли од темава и да се обидеме да го насочиме умот кон теми кои се исто толку ако не и (егзистенцијално или духовно) позначајни, а ги има. Наредна препорака е да се зафатиме со работа, и да извршуваме задачи од кои сите ќе имаме повеќекратни поволни резултати (некој ова го нарече „носење на ЕУ дома“), а притоа ќе си помогнеме оставајќи ја опсесијата зад нас. Ефектно надминување на опсесија овозможува и промена на фокусот од дрвото кон шумата, односно фокусирање на нашата поголема заедничка визија и мисија. Секако, за одвлекување од опсесивното внимание кон нешто, помага и за момент да се дистрактирате, и да почнете активно да слушате што ви кажуваат другите, особено добронамерниците.
Во продложение, еден скромен совет како да си помогнеме, осврнувајќи се на само неколку значајни и реални детали (наспроти фантазмагоричните) но и големата формална слика (наспроти хоророт во нашиот ум).
Сама по себе уставната измена не нужно треба да ја толкуваме како отстапка кон надворешен фактор (Бугарија, ЕУ) бидејќи во самата суштина е демократски одговор на јасно и гласно искажана потреба од делови на повеќе народи во Републиката.
Уставната измена е услов за продолжување на процесот на преговори. Прв нареден чекор е комплетирање на фазата на нивното отворање. Согласно со договорената рамка за преговори, во момент кога ќе се направи уставната измена, втората Меѓувладина Конференција се свикува по автоматизам. Сите материјали се подготвени и веќе донесени од страна на Советот на ЕУ, сочинет од министри за европски прашања на држави членки на ЕУ.
Што претставува Меѓувладина Конференција е објаснето во рамката за преговори: „Суштината на преговорите ќе се води на Меѓувладина Конференција со учество на сите земји-членки од една страна и Северна Македонија од другата. Меѓувладината Конференција ќе се одржува најмалку еднаш годишно, по усвојувањето на заклучоците на Европскиот Совет земајќи ги предвид годишните извештаи на Европската Комисија, пакетот за проширување и секогаш кога е релевантно. Меѓувладината Конференција ќе обезбеди политичко управување и форум за политички дијалог за реформскиот процес“. За оние кои ненамерно или намерно подзаборавиле, има суштинска квалитативна разлика меѓу учество на Меѓувладина Конференција (од страна на ЕУ се присутни министри за надворешни работи и/или за европски прашања, или шефови на дипломатски мисии на држави членки при ЕУ – амбасадори при ЕУ, а од наша страна минимум ниво на министер за надворешни работи), споредено со седење на маса во чекалница. Меѓувладината Конференција е местото каде можеме директно, лице в лице со сите ЕУ27, искрено и аргументирано да ги искажеме нашите загрижености или да се пожалиме на нефер третман. Истовремено тоа е местото каде ќе треба да ги презентираме нашите резултати и да ја докажеме нашата посветеност на европските вредности и европскиот интегративен пат.
Имајќи предвид дека т.н скрининг на степенот на транспонирање на европското законодавство и политики кај нас се одвива непречено, и дека од страна на Европската Комисија постојано се комуницира напредок во овој процесен чекор, за очекување е дека до почетокот на есента, истиот може да приврши со што би се создале услови за усвојување на Извештај од спроведен скрининг од страна на Советот на ЕУ. Потоа на наредната – трета Меѓувладина Конференција ќе може да исчекориме со отворање на првиот кластер – т.н фундаменти, секако доколку сите подготовки од наша страна бидат завршени навреме. Овие подготовки вклучуваат и од нас подготвен Акциски план за остварување на човековите права и слободи, тема за која ние споредбено со сите други во регионов но и пошироко имаме компетитивно досие.
Сега, наместо мудро и прагматично да се организираме и да исчекориме, бидејќи времето си врви, а караванот може да не одмине, ние се уплашивме од ова дрво во шумата, од уставната измена. Не плаши неговата сенка, а одиме дотаму да се плашиме и од сопствената сенка, наместо храбро да продолжиме низ патеката низ згуснатата шума, да ја изодиме, и во еден момент, најмногу седум години од сега да излеземе на ледина и да погледнеме нагоре кон синото небо, каде покрај другите жолти ѕвезди ќе ја видиме и македонската.