Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор денеска ја увери Кина дека воените бази на располагање на САД нема да бидат користени во ниту една офанзивна акција, истакнувајќи дека аранжманот со Вашингтон е осмислен да ја зајакне одбраната на неговата земја.
Кинеското Министерство за надворешни работи минатата недела соопшти дека зголеменото присуство на САД на Филипините само ќе доведе до поголема тензија во регионот откако Манила му дозволи на Вашингтон пристап до поголем број од нејзините бази.
„Реакцијата на Кина не е изненадувачка“, им рече Маркос на новинарите, нагласувајќи дека Филипините нема да дозволат базите да се користат во каква било офанзивна акција.
Минатата недела, Филипините им дозволија на САД пристап во уште четири нејзини бази, со што речиси двојно е зголемен бројот на бази кои се вклучени во Договорот за подобрена соработка во областа на одбраната (EDCA).