Светската програма за храна на ОН (WFP) денеска објави дека итно ѝ се потребни 800 милиони долари за помош на Авганистан во следните шест месеци бидејќи таа земја е во најголема опасност од глад во изминатите 25 години.
Од враќањето на талибанците на власт во 2021 година, хуманитарните агенции им обезбедуваа на Авганистанците храна, образование и здравствена поддршка. Сепак дистрибуцијата беше сериозно погодена од указот на Талибанците минатиот декември со кој им се забранува на жените да работат во национални и меѓународни невладини групи, објавија западните медиуми.
ОН не беа дел од оваа забрана, но минатата недела соопштија дека владата предводена од Талибанците ги спречила авганистанските жени да работат во нејзините агенции во земјата.
Итно ни требаат 800 милиони долари во следните шест месеци за да продолжиме да обезбедуваме помош за луѓето на кои им треба во Авганистан. Катастрофален глад тропа на вратата на Авганистан и доколку не се овозможи хуманитарна поддршка, на стотици илјади Авганистанци ќе им треба помош за да преживеат, соопшти агенцијата на ОН.
ОН предупредија дека нивната работа во Авганистан е попречена поради недоволните средства. За 2023 година се обезбедени 249 милиони долари, што не е ни една третина од сумата од 2022 година.
Г. Т.