Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска изјави дека НАТО треба да има поголема улога во безбедноста на Црно Море.
– Црно Море е од клучно значење за цела Европа да биде мирна и ориентирана кон иднината. За жал, тоа е и пример за тоа колку брзо работите можат да се влошат ако се игнорираат заканите. Време е Црно Море да стане тоа што е Балтичко Море, море на НАТО, истакна Кулеба во обраќањето видео врска на Конференцијата за безбедност во регионот на Црно Море, што се одржува во Букурешт.
Тој додаде дека ја поддржува идејата за интегрирање на украинските противвоздушни и противракетни системи со сојузниците на НАТО на Црно и Балтичко Море
– Мораме заедно да пристапиме кон решавање на заедничкиот проблем со Русија, истакна Кулеба.
Тој додаде дека претстојниот самит на НАТО во Вилнус во јули е можност за напредок кога станува збор за членството на Украина во Алијансата.
– НАТО да покаже дека вратата не е само отворена, туку дека постои јасен план за тоа кога и како Украина ќе влезе, наведе Кулеба.
Црното Море и украинскиот брег на Црното Море се клучни фронтови во војната на Русија против Украина, што почна во февруари минатата година. Извозот на Русија и на Украина зависи од Црно Море.
Безбедносната карта на Балтичко Море се промени минатата година кога Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО, со што наскоро Русија ќе биде единствена земја на Балтикот надвор од Северноатлантската алијанса. Евентуалното членство на Украина и Грузија во НАТО би имало ист ефект и за Црното Море, каде веќе се членки Бугарија, Романија и Турција.