По неколку години аргатување во Америка, на пироманот Ламбе Алабаковски му проработе патриотската жичка и се врати во Македонија за да го обели образот на македонскиот народ кој со бензин го запали бугарскиот клуб во Битола.
Во ексклузивно интервју за ОЗБИЛНО раскажува како го извршил делото и што го мотивирало.
„Го гледав филмот „Републиката во пламен“ и наеднаш во мене се распламети комитското жарче, го земав точакот (пошто немав коњ/магаре) и веднаш без размислување се упатив пред бугарскиот клуб во Битола. Зедов канта бензин и го полеав клубот, но кога го фрлив шкорчето и мене ме зафати пламенот. Но, цела среќа во таа несреќа е што во близина имаше река па со се точакот влегов во водата. Точакот го оставив таму, за да ги сокријам доказите, ама ме искодошија и по неколку дена ме најде полицијата. Тоа ти е македонска работа – од тројца комити, еден кодош“, вели Алабаковски за Озбилно.
Тој вели дека е среќен што не се самозапалил и што не завршил зад решетки, ама дека сега мора во јавноста да глуми горд патриот. Додава дека комитската работа не била лесна и не е за аматери. Ама, доброто е што таа случка му донесе слава, (а не затвор), па веќе има понуди да ја „пали публиката“ на партиските митинзи и собири на политичките партии кои му дадоа поддршка додека беше во притвор.
Пламен Огненов
Оградување, одбрана и заштита: Ова е козерија. Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.
Извор: ЦивилМедиа