Денес навршуваат 7 години од незаконската забрана на Меџлисот на кримскотатарскиот народ од страна на руската окупациска администрација во Крим под измислен изговор дека нејзините активности се квалификуваат како „екстремистички“.
Таканаречен „екстремизам“ руските окупатори го нарекуваат тоа што највисокото претставничко тело на Кримските Татари не ја призна руската окупација на Крим и одби да соработува со руските окупациски власти.
Забраната на Меџлисот на кримскотатарскиот народ е злосторство на русија насочено против домородното население на Крим и бесрамно непочитување и кршење на основните норми на меѓународното право, вклучително и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на човековите права и основните слободи, Декларацијата на ОН за правата на домородните народи.
Веќе седум години по ред русија ја игнорира наредбата на Меѓународниот суд на правдата на ОН од 19 април 2017 година во случајот „Украина против руската федерација“, кој ја обврзува русија „да се воздржи од прифаќање или поддршка на ограничувањата во врска со можноста на Кримските Татари да одржуваат свои претставнички институции, вклучително и Меџлисот на кримскотатарскиот народ“, како и да обезбедат слободен влез и излез на територијата на Крим за раководството и членовите на Меџлисот на кримскотатарскиот народ.
Повеќе од 180 граѓани на Украина, жители на Крим, од политички причини подолго време се во затворите на Кримскиот полуостров и во Русија. Конкретно, руските окупатори незаконски го држат зад решетки првиот заменик-шеф на Меџлисот на кримскотатарскиот народ, Нариман Џељал.
Цврсто сме убедени дека наскоро украинскиот Крим, како и сите други територии на Украина привремено окупирани од русија, ќе бидат ослободени, а легалните активности на сите претставнички тела на Украина, вклучително и Меџлисот на кримскотатарскиот народ, ќе бидат обновени. Претставниците на окупациските власти ќе добијат соодветна законска оцена и казна за незаконските и злосторните дејствија.
Извор: МНР на Украина