Добитникот на голема награда за фотографија одби да ја прими својата награда откако откри дека неговото дело е всушност изработено со вештачка интелигенција.
Делото на германскиот уметник Борис Елдагсен, насловено како „Псевдомнезија: Електричарот“ (Pseudomnesia: The Electrician) победи во креативната категорија на минатонеделните светски награди за фотографија на „Сони“ (Sony World Photography Awards), јавува „Гардијан“, пренесува Мета.мк.
Победничката црно-бела фотографија прикажува две жени од различни генерации.
An AI-generated image wins the Sony World Photography Awards.
“Boris Eldagsen himself has come out and stated after the winning result was announced that this isn’t a photograph at all. It’s an image generated by inputs he provided to the Open AI photo tools”.
Info+links 🧵👇 pic.twitter.com/yFGgvCEaFY
— Javi Lopez ⛩️ (@javilopen) April 14, 2023
Во изјавата на неговата интернет-страница, Елдагсен, кој студирал фотографија и визулени уметности на академии и школи во Германија, Чешка и Индија, вели дека намерно ја пријавил својата фотографија за да ја тестира конкуренцијата, да поттикне дискусија за иднината на фотографијата и да дознае дали фотографските натпревари се подготвени за дела со вештачка интелигенција.
„Не се подготвени“, пишува Елдагсен.
Организаторите на натпреварот за Би-би-си рекле дека Елдагсен ги информирал погрешно во врска со обемот на вештачката интелигенција што ќе биде вклучена во неговото дело, но пред да биде прогласен за победник потврдил дека фотографијата е создадена со помош на ВИ.
„Креативната категорија на отворениот конкурс ги поздравува различните експериментални пристапи за правење слики од цијанотипови и рејографи до врвни дигитални практики. Како такви, по нашата кореспонденција со Борис и гаранциите што тој ги даде, сметавме дека неговото дело ги исполнува критериумите за оваа категорија и го поддржавме неговото членство“, велат организаторите на натпреварот, додавајќи дека очекуваат дополнително да ја истражат темата и да поттикнат разговори околу употребата на ВИ во фотографијата.
Елдагсен во својата објава додава дека нема да ја прифати наградата и предложи истата да се донира на фото-фестивал организиран во Одеса, Украина.
„Сликите и фотографиите со вештачка интелигенција не треба да се натпреваруваат едни со други за една ваква награда. Станува збор за различни ентитети. Вештачката интелигенција не е фотографија. Затоа нема да ја прифатам наградата“, пишува германскиот уметник.
Трикот на Елдагсен доаѓа во време на интензивна дебата за употребата и импликациите на вештачката интелигенција, дури и со апокалиптични предвидувања дека технологијата е на работ на неповратно оштетување на човечкото искуство. Употребата на ВИ во секоја област – од пишување песни и есеи, до автомобили без возач, четбот терапевти и развојот на медицината – е широко дебатирана во последниве неколку месеци.
Инаку, сите победници на натпреварот што го организираше Светската организација за фотографија може да се видат во оваа објава на Би-би-си.