Тепачката што изби меѓу војниците на руската армија и озлогласената платеничка група Вагнер прерасна во престрелка во окупираниот град Станица Луханска во руската контрола во Луганската област, објави Генералштабот на украинската армија на 23 април во својот дневен вечерен брифинг, пренесува Кијив индипендент.
Според Генералштабот, како резултат на судирот имало жртви на двете страни.
„Тие (различни руски сили) се обидуваат да ја префрлат одговорноста за сопствените тактички погрешни пресметки и загуби едни на други“, се вели во извештајот.
Иако не се појавија надворешни докази за да го поддржат тврдењето за престрелката, силите на Вагнер често се наоѓаа во судир со руското Министерство за одбрана на повисоко ниво, поради неколку причини, вклучително и испораката на муниција.
Луганската област беше целосно окупирана од Русија на почетокот на јули 2022 година по заземањето на Лисичанск, последниот голем град во областа што беше под украинска контрола.
Битката за Бахмут доведе до кулминација на децениски таен конфликт кој тлее во вооружените сили на Русија.
На едната страна е редовната руска војска. Од другата страна, групата Вагнер, најпознатата руска платеничка група.
Вагнер е основан од Евгениј Пригожин, доверлив човек на рускиот претседател Владимир Путин, кого руските генерали со години го мразеа, но работите неодамна дојдоа до точка на вриење кога Пригожин гласно го нападна раководството на руското Министерство за одбрана, притоа прикажувајќи се себеси и Вагнер како единствената компетентна сила што се бори во Украина.
Пригожин го критикуваше повлекувањето на руските сили во областите Харкив и Херсон во есента 2022 година.
Подготви: Д. Мишев
Извор: ЦИВИЛ Медиа