Неточно се тврди дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон. Лабораториите се под суверена команда на Украина и се национални, а СЗО после воената инвазија на Русија врз Украина, препорача патогените да се уништат за да не им паднат во раце на руските воени сили. Ова тврдење не е ново, всушност, тоа е лажен наратив кој циркулира со години, промовиран од руската влада, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук тврди дека во Украина има био-лаборатории контролирани од САД. Ваквото тврдење е произволно и не е поткрепено со никакви факти.
Во некои делови од Украина повторно се отворени био-оружарите на Пентагон и отпочнати се нови истражувања низ други био-лаборатории низ светот, стои во објавата која ја анализираме.
Во постот е споделено и видео од CGTN, кинески медиум под контрола на државата. Во видеото телевизијата повикува на истрага за „биолаборатории во Украина управувани од САД“, тврдејќи дека овие лаборатории потенцијално се користат за развој на биолошко оружје. Тврдењето беше дадено од Вилијам Џонс, кој работи за Извршниот разузнавачки преглед (EIR), основан од теоретичарот на заговор Линдон ЛаРуш и кој помогна да се промовираат тврдењата на ЛаРуш.
Тврдењето на Џонс за „биолаборатории во Украина управувани од САД“ не е ново. Всушност, тоа е лажен наратив кој циркулира со години, промовиран од руската влада, објавува EUvsDisinfo. Ова тврдење е употребено во различни временски периоди, како на пример за време на извештаите за труења извршени од руски агенти, како што е труењето на Скрипал, за да се одвлече вниманието на јавноста од сопствената употреба на хемиско оружје од страна на Русија. Исто така, овој наратив се користеше на почетокот на нападот на Украина во февруари 2022 година, со цел да се оправда руската инвазија на Украина под маската на самоодбрана.
Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари барем од 2018 година.
Според тој постар наратив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики. Според сервисот за проверка на факти „Раскринкавање“, наводите за американските биолошки лаборатории се појавиле уште во 2015 година. Како пример, го наведуваат текстот на рускиот медиум „Спутник“ во кој пишува дека „Русија ја загрижуваат воените биолаборатории кои САД ги гради во нејзиното окружување“, иако самиот текст не носи детали или докази дека САД на постсоветско тло навистина гради такви лаборатории.
„Раскринкавање“, исто така, наведува дека амбасадата на Руската Федерација во Босна, на почетокот на инвазијата (27.02.2022) во соопштение објавено на нејзината официјална веб-страница и споделено на Фејсбук, меѓу другото, напишала дека:
САД ја наполниле Украина со биолаборатории, кои – многу веројатно – се користени за проучување на методи за масовно уништување на рускиот народ на генетско ниво.
Како доказ за ова наводно биолошко оружје се наведува заедничката програма за намалување на опасноста која ја покрена Министерството за одбрана на САД во 1991 година.
Според „Политифакт“, оваа програма почнува после падот на Советскиот Сојуз за да се намали опасноста од постоечките оружја за масовно уништување, односно за да се неутрализира биолошкото оружје произведено во постсоветските земји. Програмата е позната како „Нун Лугар“ и се наоѓа во Агенцијата за намалување на опасности во Министерството за обрана.
Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти, така и од Вистиномер.
Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина, главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мржи се во сопственост и финансирани од украинската влада.
Оваа агенција и амбасадата на САД во Украина во неколку наврати рекоа дека ваквите тврдења се лажни. Медиумските извештаи покажуваат дека оваа теорија е поврзана со повеќегодишната руска кампања за дезинформации, чија цел е да ги дискредитира САД.
Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.
Во 2020 година, украинската безбедносна служба издаде соопштение во кое наведе дека нема биолошки лаборатории во Украина кои се водени од странски држави, а особено не воени такви лаборатории.
Истакнуваме дека тие лаборатории се финансирани од државни пари, лабораториите се под Министерството за здравство и државната служба за сигурност на храната и заштитата на потрошувачите, соопштија од безбедносната служба на Украина.
САД веќе ги отфрлија обвинувањата кои доаѓаат од Русија. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби рече дека станува збор за класична воена пропаганда, а портпаролката на Стејт Департментот Нед Прајс дека кажа дека Русија измислува тврдења за да го прикрие своето делување во Украина.
Мет Филд, уредник на списанието Булетин на атомската наука, за „Си Ен Ен“ потсети дека во 2018 година, Русија пласирала тврдења за биолаборатории во Грузија, баш во времето кога актуелен бил случајот на Сергеј Скрипал, поранешен службеник во руската војска кој подоцна стана британски агент и беше отруен во Англија со ќерка му.
Тој наведува дека методата на ваквите обвиненија со кои се служи Русија доаѓаат од времето на КГБ, чии агенти прво во форма на кратки соопштенија би пласирале тврдења за други странски држави, а режимот потоа по пат на домашните медиуми би ги цитирал како „извори и би ги прифатил како релевантни”.
Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и сигурносна политика рече дека ЕУ не е запознаена дека во Украина се наоѓаат лаборатории кои не се во согласност со меѓународното право.
Викторија Нуланд од американскиот Стејт Департмент пред Сенатот на САД кажа дека Украина има подлога за биолошко истражување, додавајќи дека е загрижена дека руските воени сили настојуваат да ги заземат тие лаборатории. Таа рече дека американските служби соработуваат со Украинците за материјалот од тие лаборатории да не падне во рацете на руската војска.
Претходно и СЗО предупреди на истото и порача дека во Украина има лаборатории во кои се истражува како да се ублажат заканите од опасните болести.
Светската здравствена организација препорача на украинското Министерство за здравство и на другите одговорни тела да ги уништат опасните патогени како би се спречило тие да излезат, рекоа од СЗО.
Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека во Украина имало биолаборатории на САД под директна команда на Пентагон. Лабораториите се под суверена команда на Украина и се национални, а СЗО после воената инвазија на Русија врз Украина, препорача патогените да се уништат за да не им паднат во раце на руските воени сили.