Парламентот на Литванија одобри данок на вишокот профит на банките за да се соберат околу 400 милиони евра за дополнително финансирање на одбраната, јави ДПА.
Парламентот во Вилнус вчера со апсолутно мнозинство го изгласа „привремениот придонес за солидарност“ предложен од владата.
Во 2023 и 2024 година, банките мора да платат законски дополнителен данок од 60 проценти на нето приходите од камати што е повеќе од 50 отсто повисок од просекот во претходните четири години.
Дополнителните приходи треба да се искористат за зајакнување на армијата и изградба на воена инфраструктура. Литванија граничи со руската ексклава Калининград на Балтичкото Море и со рускиот сојузник – Белорусија.
Војната во Украина се смета за директна закана за националната безбедност на земјата-членка на НАТО.
Литванската банкарска асоцијација го критикуваше повисокиот данок на добивка како неуставен и го повика претседателот Гитанас Наузеда, кој допрва треба да ја одобри мерката, да стави вето.
На почетокот на април, Европската централна банка предупреди дека финансискиот данок на литванските банки може да има „негативни економски последици“ со тоа што ќе ги направи кредитните институции помалку отпорни на економски шокови.