„Граѓаните ги видоа бенефитите од Преспанскиот договор. Двете земји сега имаат значително зголемена соработка, особено во енергетскиот сектор. Сега се е отворено и имаме многу повеќе инвестиции од Грција во Северна Македонија“ изјави поранешниот премиер Зоран Заев за грчкиот весник „Катимерини“.
Тој додаде дека и во периодот на корона-кризата, Грција беше тука да ни помогне со вакцините, а сега се гради заеднички енергетски пазар.
„Со заедничкиот енергетски пазар ќе бидеме поиздржливи и поподготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно ќе бидеме посилни“ рече Заев.
Aнкетите покажуваат дека Грција е во петте најблиски држави за Македонците, за разлика од пред Преспанскиот договор, кога Грција беше помеѓу државите кои беа гледани како кочничари, вели Заев.
„Среќен сум кога ги гледаат фамилиите како комуницираат едни со други, се посетуваат. Македонците доаѓаат на кафе и шопинг во Грција“ рече Заев.
Експремиерот додаде дека е благодарен што грчката Влада предводена од Мицотакис се бореше за Северна Македонија да ги започне преговорите со Европската Унија.
„За тоа служат пријателите и ние сме навистина благодарни за тоа, граѓаните го ценат тоа“ рече Заев.