Странка на демократска акција на Македонија (СДА) ги повика сите политички чинители, посебно опозициските пратеници, да покажат одговорност и да ја препознаат шансата за Северна Македонија да ја исполни својата стратешка цел – патот кон ЕУ. Кога се работи за стратешките цели на државата нема простор за политикантство и ситни партиски поени, се наведува во соопштението на партијата.
Остварување на правата на помалку бројните заедници, кои денес не се спомнати во преамбулата на Уставот, дополнително ќе го демократизира нашето општество. Интегрирањето на помалку бројните заедници ќе донесе поголем потенцијал за развојот на Република Северна Македонија, во сите сфери на општеството, се додава во соопштението.
Според СДА Македонија, да се биде опозиција на Владата е легитимна улога на опозицијата. Не е легитимно опозицијата да има улога во блокирањето на исполнувањето на стратешките цели на државата, да се блокира евроатланската иднина и Република Северна Македонија да се изолира од развиениот демократски свет.
Ја повикуваме опозицијата да ги прифати апелите на домашната демократска јавност, но и на нашите меѓународни стратешки партнери, да го поддржи евроатланаскиот пат и што побрзо како држава да продолжиме напред. Блокадата од внатре и изолацијата од развиениот демократски свет не се решение, соопшти партијата.