Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов, во објава на Твитер, истакна дека чеченскиот лидер Рамзан Кадиров треба да им се одмазди на Москва и лично на рускиот претседател Владимир Путин за војната во Чеченија, наместо да се заканува на Украина, пренесува Укринформ.
„Кадиров треба да им се одмазди на Москва и Путин лично, а не да се заканува на Украина. Русите беа тие што убиваа и истребија Чеченци. Русите беа тие што донесоа вековно ропство, илјадници убиени и мачени жени и деца, уништени градови и осквернавени гробови на предците на чеченската земја. Не беа украинските тенкови кои го израмнија Грозни и неговите цивили до земја, туку руските тенкови. Чеченскиот народ се сеќава на ова, и време е оние кои заборавиле да се сетат! – нагласи Данилов.
Како што беше објавено претходно, голем број медиуми објавија информации дека чеченскиот лидер Рамзан Кадиров ветил одмазда за нападот со беспилотно летало врз Москва.
Според руските медиуми, околу 25 беспилотни летала ги нападнале Москва и Московската област, повеќето од нив биле соборени од противвоздушната одбрана во московскиот регион, некои од беспилотните летала погодиле дрвја и жици додека летале на многу мала височина. Три беспилотни летала удриле во станбени згради, но еден од нив не успеал да го активира експлозивот.
Подготви: Д. Мишев / Цивил Медиа