Додека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го минимизира нападот со беспилотни летала врз Москва за да избегне откривање на слабостите на одбраната и ограничените опции со кои располага Кремљ, „слободниот лет“ на дроновите над Москва предизвика негативни реакции во рускиот информативен простор.
Според извештајот на Институтот за изучување на војната (ISW) со седиште во Вашингтон, пратеникот на Московската Дума, Андреј Медведев, тврдеше дека украинските сили набрзина го извршиле нападот со беспилотно летало како дел од информативната операција со занемарливи кинетички ефекти.
Во исто време, одредени влијателни руски милблогери ги искористија нападите со беспилотни летала за да го критикуваат повлекувањето на Русија од областите Кијив, Чернихив и Суми во април 2022 година.
Игор Гиркин ги искористи нападите врз Рубљовка за да ги критикува руските елити за кои тврди дека „никогаш не размислувале за земјата и никогаш нема да размислуваат“ и нема да одговорат на украинските напади во Москва, Белгородската област или Украина окупирана од Русија. Гиркин, исто така, му се потсмева на Путин што продолжува да тврди дека војната е „специјална воена операција“, и покрај нападите со беспилотни летала врз руската престолнина.
Се чини дека за прв пат на иста линија се најдоа Гиркин и шефот на озлогласената парамилитантна група Вагнер, Евгениј Пригожин.
Пригожин упати остри критии за руското Министерство за одбрана и ги повика руските официјални лица всушност да ја бранат Русија наместо „тивко да седат“.
Во исто време, чеченскиот сатрап, верниот поддржувач на Путин, Рамзан Кадиров, го искористи нападот за уште еднаш да упати закани до европските земји, тврдејќи дека, ако продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје, нема да го имаат потребното оружје за да се одбранат кога Русија „ќе чукне на нивните врати“.
Подготви: Д. Мишев / Цивил Медиа