Очекувам овој 1 септември да бидеме поподготвени од сите претходно. Очекувам, верувам и сигурен сум дека МОН ќе го даде максимумот за се да биде навремено и учебната година да не почне со подготвителни материјали за предметите што веќе имаат одобрени учебници. За повеќето, 80 проценти од предметите, веќе има доставено ракописи, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
За предметите за кои не се пријавуваат автори на повиците за учебници, како што е Македонски јазик за трето одделение, истакна дека ќе бара решение ако треба, како што рече, „и со подготвителни материјали“.
-Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми…. Оваа година беше година на предизвици во две фази, и на одобрување на учебниците, и на нивно печатење. Не ме радува фактот што учебникот (по Mакедонски јазик за петто одделение) стигна на крајот на учебната година, но ме радува тоа што тој ќе биде достапен за учениците во наредната учебна година, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставници на СОНК и на Американската федерација на наставници.