„Секогаш мора да се реагира на слабостите во системот, а политичарите и директорите на јавните претпријaтија треба да даваат пример за интегритет и за одговорност кога има недоследности во однесувањето и постапувањето“ истакна Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење во интервју за ТВ21.
Таа додаде дека кога има недоследности во однесувањето и постапувањето функционерите се тие кои треба да дадат пример за одговорност.
Во интервјуто вицепремиерката Грковска истакна дека во моментот фокус за дигитална трансформација е ставен на Законот за архивско работење, како и на создавање услови за изготвување на електронска лична карта, како основна алатка за дигитализација на процесите и за пристап до дигитални услуги, што е клучно за намалување на субјективниот фактор, а со тоа и на корупцијата.
„Во услови на брз технолошки развој, мора да го направиме општеството поагилно на промени. Мора да се фати чекор, а не да се водиме по стариот ментален склоп. Овие процеси се почнати и нема враќање назад“, нагласи Грковска, додавајќи дека дигиталната трансформација на општеството не е политички, туку општествен процес.