НСДП поддржува влез во Владата на ВМРО-ДПМНЕ откако ќе се изгласа потребата од измени на Уставот, соопштија од партијата.
Оттаму го поздравија одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување на кое повикаа пред две недели и кое е неопходно за да се загарантира европската иднина на државата.
„Го поздравуваме прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, кој процес треба веднаш да се започне во Собранието. НСДП е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес-членство во Европската Унија, откако во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на Иницијативата за уставните измени“, порачаа оттаму.
За НСДП македонскиот јазик и македонскиот идентитет се загарантирани и заштитени со усвојувањето на преговарачката рамка и нема простор за загриженост, тие се гарантирани од нашите стратешки партнери Европската Унија и САД.
Повикаа на државнички пристап од сите политички актери, на разум и „да не дозволиме државата да стагнира, туку да бидеме одговорни и да го препознаеме политичкиот моментум за да исчекориме кон прогрес, реформи и општествен напредок кој го очекуваат граѓаните“.