Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Чупеска во разговор за „Локално“ вели дека преговарачката рамка е многу јасна и временски прецизна и мора сите политички чинители да се свесни за тоа и како што истакнува, тука простор за дополнителни нејзини толкувања.
-Уставните измени се врзани временски за Втората меѓувладина Конференција, заради одкочување на процесот за приемот на земјава во ЕУ. Исто така, нема апсолутно никаква потреба од додатни отежнувања на и така специфичната ситуација. Тоа што некој бара „одолговлекување“ фактички укажува дека содржината на уставните измени не е проблем и дека тие не претставуваат никаква пречка. Всушност, дека немаат никакви забелешки во однос на тоа, се друго е некаква тесногледа политичка калкулација, која мислам дека е неупатна , имајќи ја предвид ургентноста на моментот, укажува Чупеска.
Се сложува дека лидерската средба конечно ги придвижи позициите и на власта и на опозицијата и како што потенцира, тоа е за поздравување.
-Верувам дека нема да има ретерирање. Понудата на Ковачевски за пола од нивните министерски места и ставот на ДУИ за излегување од Влада е јасен знак дека волјата за продолжување на ЕУ интеграција е нивен приоритет, поточно на државата и дека е надпартиски интерес кој ги надминува дневнополитичките поентирања. Со ова, тие покажаа голема државна одговорност. Им честитам. Сите барања на ВМРО се прифатени, само за да продолжи процесот. Треба да сме свесни дека несмееме да си дозволиме уште една фаза на замрзнување на нашиот напредок кон ЕУ, затоа што ако ја испуштиме оваа шанса последиците ќе бидат лоши за земјава. Тоа јасно ни е дадено до знаење од сите меѓународни пријатели. Значи, мора да продолжиме понатаму без театар и без фемкање, порачува Чупеска.
На прашањето што очекува од широката Влада која би требало да се формира без ДУИ, професорката очекува од било која Влада, со или без ДУИ, максимална одговорност во однос на европската иднина на земјава.
-Тоа е стратешки интерес јасно дефиниран уште од стекнување на независноста во 90-тите. Тоа е вистинска одговорност за секој политичар. Сепак, тука, би сакала да нагласам дека оваа помлада генерација на ДУИевци , со ставот дека се спремни да ја напуштат Владата, само за да продолжи процесот, покажаа особено голема зрелост за државните интереси. И тоа треба да им се признае и да се поздрави, заклучува Чупеска.