СДСМ е многу искрена и конзистентна во ставовите и драго ми е што е воспоставен дијалог, но тој треба да биде пракса, особено кога се работи за најбитните прашања кои ја тангираат државата и граѓаните, како што се стратешките цели, изјави потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов во дебатата со Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ во „24 отворено“ на ТВ24.
Тој ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во работните групи и наместо да се дискутира по медиумите, работните групи да започнат да работат во интерес на стратешките цели на државата.
Дијалогот е многу битен, ова е добра појдовна точка за се понатаму. Можноста заеднички да ги решаваме најбитните прашања за државата е навистина значаен момент за целото македонско општество, рече Костадинов.
Потпретседателот на СДСМ истакна дека предлогот за одложено важење на уставните измени не е одбиен од страна на СДСМ, туку тоа е неприфатливо според преговарачката рамка која е прифатена од сите земји членки на ЕУ.
Јас би сакал во наредниот период овие теми да не ги користиме за препуквање и за партиски рејтинг, туку да дискутираме трезвено и одговорно за тоа што го имаме во моментот и како подбрзо да го завршиме целиот процес во интерес на државата, додаде Костадинов.