Пишува: АНДЕРС ОСЛУНД / Project Syndicate
Како што започнува да се одвива контраофанзивата на Украина, западните земји мора да помогнат да се ослободат сите Украинци кои живеат под руска окупација. Но, западната помош не смее да запре откако Русија ќе биде поразена. Поддржувачите на Украина мора, исто така, да ја помогнат нејзината повоена обнова.
Конференцијата за обнова на Украина во Лондон на 21-22 јуни, претставува можност да се катализира процесот на реконструкција. Годишниот собир, што се организира од страна на меѓународните сојузници на Украина од 2017 година, ќе собере претставници од Украина и други земји, како и меѓународни организации и невладини организации, секоја со свои предлози за организирање на обновата на земјата. Надежта е дека конференцијата ќе ги интегрира овие иницијативи во кохезивна стратегија.
Светската банка, во соработка со Кијивската школа за економија и украинското Министерство за заедници, територии и развој на инфраструктура, неодамна ја процени штетата предизвикана од руската агресорска војна. Извештајот наведува дека сумата за реконструкција на Украина изнесува над 411 милијарди долари, што е 2.6 пати повеќе од нејзиниот реален БДП во 2022 година.
Во текот на изминатите 16 месеци, Г7 се појави како движечка сила зад економската поддршка на Западот за Украина. Групата назначи триумвират кој го сочинуваат високи претставници од САД, Европската унија и Украина со цел да се координираат напорите за помош. Г7, исто така, воспостави и мултиагенциска Платформ за координација на донатори за да ја надгледува повоената реконструкција.
Но, Западот е поголем од Г7. Како главни донатори, земји како Полска, Шведска, Норвешка и Швајцарија заслужуваат место на масата за донесување одлуки. Владата на Украина, исто така, мора да има истакната улога во рамките на ново тело за реконструкцијата, а и енергичното граѓанско општество во земјата треба да биде дел од овие дискусии.
Конференцијата во Лондон мора да ја појасни структурата и мандатот на новото тело за реконструкција и да го промовира назначувањето на одговорно извршно лице кое ќе ги предводи напорите за обнова. Понатаму, со цел да се осигура транспарентност, предложената агенција мора да воспостави ригорозни механизми за ревизија на трошоците. Приватните компании треба, исто така, да бидат вклучени од самиот почеток, можеби преку советодавен совет на приватниот сектор што ќе го сочинуваат западни и украински бизнис лидери.
Со оглед дека Русија ја иницираше оваа војна, таа мора да плати репарации за финансирање на обновата на Украина. Ова е во согласност со претходните агресорски војни, како што е ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година, што резултираше со тоа што Ирак плати 52 милијарди долари во репарации. Имајќи го во предвид огромниот размер на уништување предизвикано од насилството на Русија, репарациите што ги должи би биле значително поголеми.
За таа цел, Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолицја во ноември, со која Русија се повикува да сноси одговорност за трошоците за реконструкција на Украина Во резолуцијата, поддржана од 94 од 103-те членки на Генералното собрание на Обединетите нации, се наведува дека Русија мора „да сноси правни последици за сите нејзини меѓународни противправни дејствија, вклучувајќи и надомест за повредата, вклучувајќи и каква било штета, предизвикана од таквите дела“. Исто така, се препорачува воспоставување на мултилатерална институција за олеснување на репарациите, како и создавање на меѓународен регистар на штети. Во согласност со оваа препорака, Кијивската школа за економија и украинското Министерство за економски развој веќе започнаа да прибираат побарувања..
Се подразбира, Русија нема да се согласи да плати репарации сé додека Владимир Путин е на власт. Но, тоа не треба да ги одврати Украина и нејзините сојузници. На 1 јануари, 2022, Централната банка на Русија чуваше 316 милијарди долари во меѓународни девизни резерви. Овие средства, замрзнати од страна на Г7 земјите на почетокот на војната, мора да бидат запленети и искористени за помош во обновата на Украина. Овие резерви се неспорна сопственост на руската држава, која сноси одговорност за воените злосторства извршени во Украина. Тие се, исто така, ликвидни, така што, за нивното префрлање на депозитна сметка би било потребно минимална легислативна работа.
Интересно, западните земји почнаа да го препознаваат нивното поседување на овие средства дури откако ЕУ побара од своите земји членки да ги обелоденат сите руски девизни резерви во рамките на нивните јурисдикции. Во мај, ЕУ објави дека поседува повеќе од 200 милијарди евра (215 милијарди долари) средства на руската централна банка. Други Г7 земји кои поседуваат руски девизни резерви, вклучувајќи ги САД, Јапонија и Канада, мора да го следат примерот и да обезбедат целосен извештај пред конференцијата во Лондон.
По ирачкиот преседан, овие руски девизни резерви мора да бидат префрлени на договорена депозитна сметка на централната банка. Во САД, ова може да се постигне без нова легислатива преку Законот за меѓународни итни економски овластувања од 1977 година. Другите западни земји треба да го следат примерот на Канада и да донесат нови закони кои дозволуваат користење на запленетите руски средства за финансирање на реконструкцијата на Украина. Истовремено, западните влади треба да развијат сеопфатен план за распределба и управување со овие средства.
И покрај тоа што доби значителна воена помош од Западот, Украина сé уште има потреба од краткорочно буџетско финансирање за сопирање на високата инфлација, која се искачи на 27% бидејќи владата беше принудена да го монетизира дефицитот. Оваа година, украинската влада побара 38 милијарди долари буџетска поддршка. ЕУ и САД веќе имаат помогнато во финансирање на нејзиниот буџетски дефицит во текот на првите четири месеци, што резултираше со пониска инфлација.
Во јуни 2022 година, ЕУ ѝ додели на Украина кандидатски статус, истакнувајќи седум услови за пристапувањето на земјата. Овие вклучуваат обезбедување на владеење на правото, заштита на имотни права и заштита на интегритетот на процесот на избор и проверка за судиите на Уставниот суд. Исполнувањето на овие услови пред конференцијата во Лондон би ѝ овозможило на ЕУ да ги иницира пристапните преговори, кои се очекува да завршат во рок од три години.
За да започне економската обнова на Украина, ЕУ може да ѝ обезбеди на земјата непосреден пристап до единствениот пазар. Но, обновата на земјата мора да биде придвижена од приватниот сектор, што значи дека украинската влада мора да продолжи со приватизација и дерегулација за да се намали улогата на државата. Со заштита на имотните права и борбата против корупција, Украина би можела да помогне во финансирањето на нејзината реконструкција и постигнување на одржлив раст.
Андерс Ослунд е виш соработник на Форумот за слободен свет во Стокхолм. Автор е (со Andrius Kubilius) на Реконструкција, реформи и пристапување во ЕУ за Украина (Frivärld, 2023).
Превод: Наташа Цветковска