Иако има информации дека руската парамилитарна група „Вагнер“ дејствува во регионот, има база во Белград и дејствува во северниот дел на Косово, но и во Северна Македонија, сепак, властите и безбедносните експерти велат дека нашата земја, сега, како членка на НАТО, не е изложена на ризик.
„Вагнер“ – активен во регионот, во Србија, северот на Косово, но и во Северна Македонија
Од Цивил – Центар за слобода организација за човекови права и слободи, мир и контрола на оружјето за „Фронтлајн“ велат дека „Вагнер“ е активен во регионот, особено во северниот дел од Косово, но активни се и во нашата земја.
– Цивил има сознанија дека Вагнер е активен во регионот, особено во северниот дел од Косово, но активни се и во нашата земја. Познато ни е дека во нашата земја дејствуваат голем број оперативци и разузнавачи веќе подолго време. Тие не се нужно дел од платеничката формација на Пригожин. Напротив, тие дејствуваат по налог на руската федерација, истакнуват од Цивил – Центар за слобода.
Универзитетскиот професор на воената академија, Методи Хаџи-Јанев, во изјава за „Фронтлајн“, зборувајќи за можната опасност оваа група да и се заканува и на државата вели дека Македонија не е директно загрозена од руската парамилитарна група Вагнер. Тој вели дека немаат таков капацитет.
– Тие се опасни во африканските земји и каде што дејствуваат. Кај нас безбедносните служби имаат солидна контрола на теренот. На косово и во Србија станува збор за афилирани групи кои можеби Вагнер во оригинална смисла и го немаат водено. Психолошки може да делува страшно во реалноста е сепак поинаку. Бидејќи не е јасно кој ги контролира овие групи. Факт е дека тие лесно може да делуваат оркестрирани од Москва и Белград. Сепак присуството на НАТО е силен одвратувачки фактор за овие групи да предизвикаат масовено и радикално поместување на нештата. Тоа не значи дека се изолирани, и локализирани инциденти не се можни. Туку дека немаат капацитет да изведат поголеми операции, изјави Хаџи Јанев за „Фронтлајн“.
Илија Џугуманов, генерален секретар во Евро-Атлантски Совет потенцира дека самата приватна компанија Вагнер, уште од основањето во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, е голема закана за безбедноста на други земји, надвор од Русија.
Имено, додава тој, истата година, 2014-та, Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.
– Нашиот регион е познат по тоа дека доста платеници учествуваат во воените жаришта надвор од нашите земји. Можеби не секогаш е до толку пресудна идеологијата, колку што се заработката, обуката, па и адреналинот на бојното поле. Иако, учеството и организирањето учество во војна во странска држава е кривично дело. За кое еден државјанин на Србија беше и осуден за борење во Украина на страната на проруските сепаратисти во рамките на групата Вагнер. Има доста информации и примери за врски на Вагнер групата со радикални десничарски движења од Србија и Босна и Херцеговина, но можни се конекции и со вакви струи од други балкански земји. Сепак, оваа конекција, главно е за регрутација. Конкретно во однос на нашата земја, верувам дека нашите служби и засегнатите институции се во тек со ваквите можни предизвици. Посебно по членството во НАТО, како земја располагаме со вакви информации, па не очекувам никаква директна закана по однос на нашата земја, нагласува Џугуманов.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, на прашањето дали други земји се загрозени од организации како Вагнер, увери дека доколку се види таква опасност, земјите од НАТО ќе бидат заштитени во секоја педа од неа.
„Со најголема загриженост ја следиме ситуацијата, но сигурни сме дека како НАТО ќе можеме да го одбраниме секој сантиметар од нашата територија, за секоја земја-членка, доколку бидат нападнати…“, изјавил Шолц.
Амбасадата на Украина: „Вагнер“ како меѓународна злосторна организација
Од Амбасадата на Украина во Северна Македонија за „Фронтлајн“ велат дека во февруари 2023 година, Парламентот на Украина ја призна руската злосторна организација позната под името „приватна воена компанија Вагнер“ како меѓународна злосторничка организација.
„Оваа одлука беше донесена, вклучително и земајќи го предвид добивањето на непобитни докази од страна на органите за спроведување на законот на Украина. Парламентот на Украина особено нагласи дека „Групата Вагнер“ била вклучена во дестабилизација на процесите на одржлив развој, кршење на човековите права и незаконски операции со природни ресурси во државите на Африка (Централноафриканската Република, Мали, Судан, Либија) и Блискиот Исток (Сирија, Јемен), како и дека оваа воена компанија е вклучена во тешки кривични дела – масовни вонсудски егзекуции, тортури, силувања, киднапирања, земање заложници и сл“, стои во пишаниот одговор на Укаринската амбасада во Скопје.
Што е и каде оперира Вагнер?
Групацијата Вагнер – официјално позната како „PMC Wagner“ – е приватна армија. За прв пат беше идентификуван во 2014 година, кога ги поддржуваше проруските сепаратистички сили во источна Украина. Во тоа време, групата беше таинствена и оперираше главно во Африка и на Блискиот Исток, а се верува дека има само 5.000 борци ширум светот – главно ветерани од елитните руски полкови и специјалните сили. Оттогаш, групата значително се зголеми.
„Вагнер сега командува со 50.000 борци во Украина и стана важен фактор во војната“, соопшти британското Министерство за одбрана во јануари оваа година. Според нив, организацијата почнала да регрутира голем број војници во 2022 година, бидејќи Русија имала проблеми со регрутирање луѓе за редовната армија.
Советот за национална безбедност во САД соопшти дека околу 80 отсто од „борците“ на Вагнер во Украина се ослободени од затворите. Иако платеничките и парамилитарните формации се сметаат за нелегални во Русија, групата Вагнер ја регистрираше компанијата во 2022 година и го отвори своето ново седиште во Санкт Петербург.
Основи на Вагнер
Во истражувањето на британската телевизија Би-Би-Си, се споменува дека во групата бил вклучен и поранешниот функционер на руската армија, Дмитри Уткин. Ветеран од руските војни во Чеченија, се верува дека бил првиот командант на Вагнер на терен и се верува дека групата ја именувал по прекар на радио. Сегашен лидер на групата е Евгениј Пригожин, богат бизнисмен познат по прекарот „готвач на Путин“, бидејќи неговата компанија подготвувала оброци за Кремљ.
За какво кривично дело се сомничи Вагнер?
Во јануари, поранешен командант побара азил во Норвешка откако пребегна од платеничката група. Тој тврди дека бил сведок на воени злосторства во Украина. Тројца платеници на Вагнер се под истрага од украинските обвинители за убивање и мачење цивили во близина на Киев во април 2022 година, заедно со руските редовни трупи. Германското разузнавање соопшти дека платениците на Вагнер можеби и масакрирале цивили во Буча во март 2022 година. Обединетите нации и француската влада ги обвинија членовите на Вагнер дека извршиле силување и киднапирање цивили во Централноафриканската Република. Во 2020 година, војската на САД ги обвини „борците“ на Вагнер дека поставиле мини и други експлозивни направи во и околу либискиот главен град Триполи.
Дестан Јонузи