Предлогот за уставни измени Владата ќе го достави до Собранието кога ќе бидат исцрпени сите напори за консензус.
Од друга страна, како што дознава „Фронтлајн“ од партиски извори во таборот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ има одредени пратеници, но и партнери на помалите партии од опозициската коалиција кои имаат различно мислење од официјалната политика на ВМРО -ДПМНЕ, која е против уставни измени.
Како што дознава „Фронтлајн“, 7 до 8 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и партиите од помалите заедници, се подготвени да гласаат за уставните измени за да може Северна Македонија непречено да продолжи на патот кон Европската Унија.
И министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека во таборот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најголемиот противник на уставните измени, веќе има луѓе кои се идеолошки склопени и ги поддржуваат уставните измени.
Тој изјави дека ќе се сретне со пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ за да ги убеди да ги поддржат уставните измени.
– Во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе, според мои информации, според наши информации, кои упорно тврдат дека не треба да ја испуштиме можноста дека сега во Уставот се прави јасна дистинкција дека Бугарите се малцинство овде. Тоа значи целосна идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кои ги разбираат последиците од изолацијата на државата и влегувањето во втората лента, изјави Османи.
Политикологот Благојче Атансоски за „Фронтлајн“ вели дека веројатно има членови на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, можеби и некои пратеници кои интимно не се согласуваат со ставовите на лидерот и би ги поддржале уставните измени за внес на Бугарите во Уставот за да продолжат македонските евроинтеграции.
– Сметам дека ниту еден нема храброст да се спротистави на лидерот бидејќи знае дека ќе биде исклучен од партијата веднаш. Така што таа опција во моментов ми е малку веројатна, дека,, европски освестени пратеници ” по разговори со министрите Маричиќ и Османи ќе се,, предомислат” и ќе гласаат за уставните измени. Тоа реално може да стане само под невидено силен и жесток притисок од американската надворешна дипломатија кај нас, а не како,, убедување ” од нашите ресорни министри врз опозициските пратеници за исправноста на политиката за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ отворајќи ги преговорите со Унијата, после седумнаесетгодишнен застој и чекање во место, изјави Атанасоски за „Фронтлајн“.
Новинарот и коментатор на политичките случувања, Ацо Кабранов смета дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ секогаш недостасувала внатрешна демократија, но со Мицкоски на чело и самите членови се свесни дека владее диктатура.
– Не сум сигурен дека, и да има пратеници кои се за уставни измени дека ќе се осудат да дигнат два прста истите да се усвојат. Не се работи за тие фамозни изјави заверени на нотар, туку според мене страв дека ќе бидат линчувани од своите по налог на Мицкоски и другите од раководството. ВМРО-ДПМНЕ биле секогаш радикални со тнр. непослушните, се заканувале, им демолирале возила, им ги каменувале куќите… Овој пат со Мицкоски на чело мислам дека ќе ги снајде истото сигурно, ако не и полошо. Така да, и да има, нема да се осудат ни да зуцнат, а камо ли да прифатат да гласаат. Според мене во ВМРО-ДПМНЕ секогаш недостасувала внатрешна демократија, но со Мицкокоски и самите членови шепотат дека владее диктатура како со никој друг лидер претходно, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент. На потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се демистифицира и преку него нема да се изгуби идентитетот, јазикот или историјата на Македонскиот народ.
Дестан Јонузи