„Да ја тргнеме политиката на страна затоа што таа нема да ги исчисти Скопје, нас фокус ни се граѓаните“, рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред колегите градоначалници на состанокот на седницата на советот за развој на Скопскиот плански регион. ЈП Дрисла – Скопје е регионална депонија за скопскиот плански регион и со одлука има обврска да го собира сметот од локалните самоуправи кои го носат на нејзина адреса.
„Прво прстот кога настана проблемот со сметот граѓаните го вперија во градоначалниците затоа што кога излегуваат од дома сакаат чиста средина. Овој проблем е заеднички и не треба да се политизира. Станува збор за граѓаните и нивното здравје и треба што поскоро да се најде решение, а тоа е што подобро да се изменаџира ситуацијата во градот и комуналното претпријатие. Нашиот предлог е додека тие преговори траат депонијата Дрисла да ги крене рампите за да ние можеме да функционираме како општини“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Герасимовски рече дека Општина Центар од рано утрото започна со собирање смет низ целата општина но полните камиони чекаат пред вратите на скопската депонија. Со ист проблем се соочиле и другите градоначалници кои се ангажирани и самостојно го собираат сметот од своите општини. Герасимовски рече дека утрово разговарал и со директорот на депонијата Дрисла по што добил ветување дека во текот на денот рампите ќе бидат кренати.
„Во моментов чистењето е стопирано затоа што полни камиони чекаат пред Дрисла да бидат пуштени и да се растоварат. Утрово разговарав телефонски и со директорот на Дрисла и добив ветување дека ќе се направи договор кој во текот на денот ќе го имаме. Нашите луѓе отидоа уште утрово да за го потпишат за да може нашите камиони да влезат во депонијата, но уште чекаат“, изјави Герасимовски.