Објавено на 11 јули 2020 година, апдејтирано со нови податоци.
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Во прилогот има вознемирувачки фотографии и видео содржини.
Во Сребреница, Босна и Херцеговина денеска се одбележуваат 28 години од геноцидот на босанските муслимани. Убиствата ги извршија единиците на војската на Република Српска (ВРС) на босанските Срби под команда на Ратко Младиќ.
Тоа што се случи во Сребреница во јули 1995 година, беше објавено во два документи, усвоени уште во 1992 година, а постепено реализирани во годините што следеа, со логистичка, морална и финансиска поддршка на Србија и Југословенската народна армија (ЈНА): урнаа 296 доминантно босански/муслимански села во регионот околу Сребреница, извршија насилство врз околу 70.000 Босанци во нивните домови и систематски масовно убивајќи најмалку 8.372 Босанци (документирани смртни случаи), вклучувајќи и многу жени, деца и постари лица. Бројката на жртви се уште не е конечна.
Собранието на Српска Република БиХ на 14-тата седница одржана на 16 мај 1992 година, усвои шест стратешки цели на српскиот народ. Стратешката цел број 3 наложува отстранување на реката Дрина „како граница што раздвојува српски држави“ – Република Србија и Република Српска.
Генерал Ратко Младиќ, командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска на 19 ноември 1992 ја потпишува Директивата број 4 со која се дефинира начинот на остварување на третата стратегиски цел: „Кај непријателот да се постигне колку што е можно поголема загуба и да го натера да ги напушти подрачјата на Бирач, Жепа и Горажда“ во Источна Босна.
Прилог: Снимка на сурово злоставување на заробеници и егзекуција со рафали во грб. Снимката десет години кружела меѓу припадниците на единицата „Шкорпиони“ низ Србија, како домашно видео. Во 2005 година, Трибуналот за воени злостроства го прикажува на судењето на Слободан Милошевиќ.
Соочени со галопирачка хуманитарна катастрофа во енклавата Сребреница каде што се засолниле околу 40.000 бегалци, Советот за безбедност на ОН на 16 април 1993 година ја донесува Резолуцијата 819, со која Сребреница се прогласува за „безбедна зона“ во Босна и Херцеговина.
Српскиот претседател, Радован Караџиќ, на 8 март 1995 година ја потпишува Директивата бр. 7, во која се бара да се создадат услови на целосна несигурност, нетолеранција и бесперспективност за понатамошниот опстанок или живот за жителите на Сребреница и Жепа”.
Командантот на Дринскиот корпус на ВРС на 6 јули 1995 година издава наредба за операцијата Криваја ’95, која е кодно име за нападот врз Сребреница. Без сериозен отпор, како од Армијата на БиХ, така и од холандскиот баталјон во енклавата и воздушните сили на НАТО, силите на Младиќ, на 10 јули, ѝ се приближуваат на Сребреница и веќе ништо не ги спречува да навлезат во „безбедната зона“.
прилог: Видео со Младиќ како непречено влегува во Сребреница
Во Извештајот на Мировните сили на ОН за 2011 година во Сребреница се вели дека областа е безбедна и дека на 12 јуни 1995 е формирана нова команда со 12.500 британски, француски и холандски војници опремени со тенкови и висококалибарска артилерија со цел да се зголеми ефикасноста и кредибилитетот на мировната операција.
До почетокот на 1995 година, сè помалку и помалку снабдувачки конвои успеваа да поминат низ енклавата. Скромните ресурси на цивилното население се намалуваат, дури и ресурсите на силите на ОН почнуваат драстично да се намалуваат во храна, лекови, муниција и гориво, за на крајот да бидат принудени да патролираат низ енклавата пеш. На холандските војници што ја напуштиле областа на одмор не им било дозволено да се вратат, а нивниот број паднал од 600 на 400. Во март и април, холандските војници забележале зголемување на српските сили во близина на две набљудувачки точки.
Српската офанзива против Сребреница започнува на 6 јули 1995 година. Во наредните денови, петте набљудувачки точки на УНПРОФОР во јужниот дел на енклавата, една по една, биле нападнати од српските сили. Дел од холандските војници се повлекле во енклавата по нападите врз нивните станици, додека екипите на другите набљудувачки точки се предале и биле притворени од страна на српските сили.
До вечерта на 11 јули 1995 година, околу 20.000 до 25.000 бошњачки бегалци од Сребреница се собрани во Поточари, барајќи заштита во седиштето на холандскиот камп на УНПРОФОР. Неколку илјади се прифатени, додека останатите биле распоредени низ соседните фабрики и полиња.
Иако огромното мнозинство биле жени, деца, постари лица или лица со посебни потреби, 63 сведоци проценуваат дека имало најмалку 300 мажи во периметарот на комплексот УНПРОФОР и помеѓу 600 и 900 мажи во толпата надвор. Холандските мировници тврделе дека нивната база е преполна.
Според раскажувањата на преживеаните од Сребреница и околните места, транспортирањето на Босанците до концентрационите кампови траело со денови, почнувајќи од 5 јули и продолжувајќи до втората половина на јули 1995. Српските војници ги делеле мажите од децата и жените, во посебни колони. Во текот на спроведувањето на заробениците до камповите, биле убивани мажи и деца, а жените силувани, па потоа убивани. Жените често биле силувани пред очите на нивните деца и роднини, без можност за помош од страна на мажите. Забележани се неколку самоубиства на мажи коишто не можеле да им помогнат на своите блиски додека ги силувале пред нивните очи.
Според агенцијата Франс Прес (АФП), десетина грчки волонтери се бореле заедно со Србите во Сребреница. Тие биле членови на Грчката доброволна гарда (ЕЕФ), или ГВГ, контингент на грчки паравојски формирани по барање на Ратко Младиќ како составен дел на Дринскиот корпус. Грчките волонтери беа мотивирани од желбата да ги поддржат своите „православни браќа“ во битка. Тие го кренаа грчкото знаме во Сребреница, по падот на градот, а по барање на Младиќ, во чест на „храбрите Грци што се бореа на наша страна“. Радован Караџиќ подоцна одликувал четворица од нив.
На 16 ноември 1995 година, Радован Караџиќ, „Претседателот на Република Српска“ и Ратко Младиќ, командант на ВРС, беа обвинети од страна на Меѓународниот суд за воени злосторства за нивната директна одговорност за воените злосторства извршена во јули 1995 година против босанските муслимани во Сребреница.
Неуспехот на холандските мировници да ја заштитат енклавата во Сребреница стана национална траума во Холандија и доведе до долготрајни дискусии во земјата. Во 1996 година, холандската влада побара од Холандскиот институт за воена документација да спроведе истрага за настаните пред, за време и по падот на Сребреница. Финалниот извештај беше објавен во 2002 година – сребреничката „безбедна“ област, со заклучок дека мисијата „Дачбат“ не била добро разгледана и речиси невозможна. Институтот за воено и мирнодопско известување го означи извештајот како „контроверзен“, заради неможноста да се извади чист заклучок. Еден од авторите на извештајот тврди дека некои од изворите биле „несигурни“.
Во декември 2006 година, холандската влада им додели медали на холандските мировници на ООН кои служеа во Сребреница, бидејќи „заслужуваат признание за нивното однесување во тешки околности“, исто така, забележувајќи го ограничениот мандат и лошо опремената мисија. Сепак, преживеаните и роднините на жртвите го осудија овој потег, нарекувајќи ја „понижувачка одлука“ и одговорија со митинзи во Хаг, Ахен (каде што се одржа церемонијата) и главниот град на БиХ, Сараево.
Како резултат на извештајот, холандската влада ја прифати делумната политичка одговорност за околностите во кои се случи масакрот, а вториот кабинет на Вим Кок поднесе оставка во 2002 година. Во пресудата од 6 септември 2013 година, Врховниот суд на Холандија, ја прогласи Холандија како држава како одговорна за смртта на тројца убиени мажи. Судот, исто така, утврди дека владата на Холандија имала „ефективна контрола“ над своите војници. Одлуката, исто така, значела дека роднините на овие жртви на геноцидот можат да побараат надомест за штета од владата на Холандија.
На 30 септември 2003 година, поранешниот американски претседател Бил Клинтон официјално го отвори Меморијалниот центар за геноцидот во Сребреница во чест на жртвите. Вкупните трошоци на проектот беа околу 5,8 милиони долари. „Ние мора да им оддадеме почит на невините животи, многу од нив деца кои беа отфрлени во она што мора да се нарече геноцидно лудило“, рече Клинтон.
До 2006 година се откриени 42 масовни гробници околу Сребреница. Светски експерти сметаат дека има уште 22 масовни гробници.
По 13 години бегство, Радован Караџиќ е уапсен во Белград на 21 јули 2008 година и е изведен пред Белградскиот суд за воени злосторства. Тој потоа бил префрлен во МКСЈ на 30 јули 2008 година. Почнувајќи од јули 2010 година, Караџиќ му се суди во МКТЈ за 11 обвиненија за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Слободан Милошевиќ беше обвинет за геноцид или соучество во геноцид на териториите во рамките на Босна и Херцеговина, вклучувајќи ја и Сребреница. Но, тој почина на 11 март 2006 година за време на судењето во МКТЈ, без конечна пресуда.
На 10 јуни 2010 година, седум високи српски воени и полициски службеници, Вујадин Поповиќ, Љубиша Беара, Драго Николиќ, Љубомир Боровчанин, Винко Пандуровиќ, Радивоје Милетиќ и Милан Гверо, беа прогласени за виновни за разни злосторства, почнувајќи од геноцид до убиство и депортација.
На 8 јули 2015 година, Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која го преиначи делото масакр во Сребреница како геноцид. Резолуцијата имаше за цел да ја одбележи 20-годишнината од убиството на 8.000 муслимански мажи и момчиња. Кина, Нигерија, Ангола и Венецуела се воздржаа, а останатите 10 членови на советот гласаа за. Правото на вето беше пофалено од српскиот претседател Томислав Николиќ, кој рече дека Русија „спречила обид да ја разруши целата српска нација како геноцидна и се докажа како вистински и искрен пријател.
Во 2009 година, Европскиот парламент ја донесе Резолуцијата за Сребреница, со која се повикуваат земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан да го одбележат 11 јули како ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Декларацијата за осуда на злосторствата во Сребреница хрватскиот Парламент усвои и Собранието на Северна Македонија во 2010 година, како и српското собтание, а собранијата на Црна Гора и Косово, ја усвоија Резолуцијата во 2021 година.
Во костурницата во Тузла се чуваат остатоци од тела на 92 идентификувани жртви од Сребреница, но членовите на нивните семејства се уште не дале согласност за погреб. Се надеваат дека ќе бидат пронајдени и други делови од телата на убиените.
Во Меморијалниот центар Поточари се изложени ковчезите на 30 жртви од геноцидот во Сребреница, кои ќе бидат погребани во вторник на 11 јули. Утрото нивните семејства им оддаваат последна почит.
Станува збор за нецелосни тела кои беа пронајдени во неколку гробници кои припадниците на Војската на Република Српска повеќепати ги ископуваа и ги преместуваа телата за да ги прикријат трагите на злосторството. Меѓу нив има четворица малолетни на возраст од 15 и 16 години.
По погребот, во Меморијалниот центар Поточари ќе бидат погребани 6 752 жртви на геноцидот. 8.372 жртви (главно мажи и момчиња) беа убиени во геноцидот во Сребреница.
И по 28 години од ужасот на Босанците, сѐ уште не можат да се пронајдат посмртните останки на уште над илјада жртви од геноцидот во Сребреница.
Дијана Тахири / Цивил Медиа