Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска го посети бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег, една недела по разорната израелска офанзива.
Тоа беше прва посета на Абас на кампот од 2005 година.
Тој дојде во време кога Палестинците не се задоволни од Палестинската управа, која контролира делови од Западниот Брег, но чии сили ја загубија контролата врз неколку упоришта на екстремистите во областа, вклучително и Џенин.
Се смета дека 87-годишниот претседател изгубил допир со јавноста и ретко го напушта своето седиште во Рамала на Западниот Брег, па затоа посетата привлече внимание.
Палестинскиот лидер го посети Џенин една недела откако Израел започна голема дводневна офанзива таму, најголема во последните две децении.
Најмалку 12 Палестинци беа убиени во офанзивата, илјадници ги напуштија своите домови, а големи делови од кампот беа уништени.
Еден израелски војник исто така беше убиен, а израелската војска соопшти дека воената операција е неопходна за справување со палестинските екстремистички групи по серијата неодамнешни напади.
Абас попладнево пристигна во Џенин со јордански хеликоптер под силно обезбедување.
Илјадници луѓе се собраа на улиците, а деца трчаа по колоната возила.
Палестинскиот претседател ги обиколи гробиштата, каде положи венец на гробовите на загинатите во минатонеделната офанзива пред да се обрати на толпата.
„Кампот Џенин е икона на борба, непоколебливост и предизвик“, рече Абас и вети дека реконструкцијата на кампот ќе започне веднаш.