Летото само што започна на северната хемисфера, но силен топлотен бран веќе зафати делови од Европа, Кина и САД, каде викендов се очекуваат рекордно високи температури, објави Хуриет дејли њуз.
Американскиот метеоролошки завод издаде предупредувања за екстремни горештини за повеќе од 100 милиони граѓани, а особено опасни услови се предвидуваат во сојузните држави Аризона, Калифорнија, Невада и Тексас. Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Хрватска, Грција, Италија, Шпанија и Полска истовремено се соочуваат со високи температури.
Би можеле да бидат измерени 49 степени Целзиусови на островите Сицилија и Сардинија, објави Европската вселенска агенција, што се „потенцијално најжешките температури некогаш забележани во Европа“. Северна Африка е исто така жешка и спарна, а Мароканската метеоролошка служба објави црвен аларм поради екстремните горештини во јужните делови на земјата.
Некои кинески провинции, вклучително и главниот град Пекинг, исто така се соочуваат со високи температури, а најголемата кинеска енергетска компанија соопшти дека нејзиното производство на електрична енергија достигнала рекордно високо ниво за еден ден.
Црвени аларми издадени за 16 градови во Италија
Црвен аларм е објавен во шеснаесет градови низ Италија. Рим, Фиренца и Болоња се меѓу областите погодени од топлотниот бран, а синоптичарите велат дека на Сицилија и Сардинија температурите би можеле да се искачат до 49°C. Италијанската Влада ги советуваше луѓето во областите со предупредување да избегнуваат директна сончева светлина во период меѓу 11 и 18 часот, пишува Гардијан.
Од екстремни температури се погодени и неколку области во Грција, Франција и Шпанија. Во последните денови температурите во Грција достигнаа до 40°C или повеќе. Волонтери делеа шишиња со вода во туристичките места, а властите презедоа необичен чекор на кратко затворање на Акропол во Атина во најжешкиот период вчера за да ги заштитат посетителите од жештината.
Првпат е воведена забрана за луѓето кои работат во градежништвото и секторот за испорака во најтоплите часови од денот. Вработените во јавниот и приватниот сектор во Атина се охрабруваат да работат од дома. И другите делови на Европа ги очекува невообичаено топло време. Метеоролошкиот завод на Чешката Република предупреди дека температурите може да надминат 38 степени Целзиусови во текот на викендов.
ДХМЗ предупреди на високи температури во поголемиот дел од Хрватска
Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) предупреди на високи температури во поголемиот дел од Хрватска, додека Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) ги повика граѓаните да бидат дополнително внимателни поради високиот ризик по здравјето. Високи температури утре се очекуваат во сплитскиот и риечкиот регион, каде е во сила портокалово предупредување што претставува голема опасност, објави Индекс.хр.
В понеделник во цела Хрватска важи портокалово предупредување за топлотни бранови кои можат да влијаат на здравјето, а во остатокот од неделата за сите региони, освен за Загреб каде ќе има жолто предупредување, соопшти ДХМЗ.
Сегашниот топлотен бран е резултат на ведрото време и напливот на се потопол воздух од југозапад, а високите температури можат штетно да се одразат врз здравјето.
Високата температура на воздухот може да предизвика здравствени проблеми, особено за чувствителните групи како што се малите деца, хроничните пациенти, повозрасните лица и луѓето кои работат на отворено. Затоа, на сите им се препорачува да се заштитат од високите горештини, да го разладат домот и да пијат доволно течности.
Јуни беше најтопол од почетокот на мерењата
Минатиот месец веќе беше најтоплиот јуни досега, според американската вселенска агенција НАСА и програмата за климатски промени Коперникус, управувана од Европската унија. Екстремните временски услови кои произлегуваат од сè потоплата клима „за жал стануваат нова нормала“, предупредува Петери Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (WMO).
Екстремните горештини се еден од најсмртоносните метеоролошки настани, според WMO. Една неодамнешна студија проценува дека над 61.000 луѓе починале од топлотен удар во Европа во текот на минатогодишното рекордно топло време.
Долината на смртта пред нов рекорд
Фактор кој може да придонесе за високите температури оваа година е климатскиот феномен познат како Ел Нино.
Феноменот Ел Нино, кој се јавува на секои две до седум години, а го обележуваат температури на морската површина повисоки од просечните во централниот и источниот дел на Пацификот во близина на екваторот, трае приближно 9-12 месеци.
Северна Америка веќе се соочи со серија екстремни временски настани ова лето, со чад од шумски пожари кои продолжуваат да горат надвор од контрола во Канада, предизвикувајќи дополнително загадување на воздухот низ поголемиот дел од САД.
Североисточниот дел на САД, а особено сојузната држава Вермонт, исто така неодамна беше погоден од обилни дождови кои предизвикаа катастрофални поплави. Според климатолозите, глобалното затоплување може да доведе до пообилни и почести врнежи. Граѓаните во поголемиот дел од американскиот југ со недели се справуваат со високите температури.
Даниел Свејн, климатски научник од Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес, изјави дека температурите во Долината на смртта би можеле да го достигнат или да го соборат рекордот за највисока температура на воздухот измерена на Земјата.
Официјалниот рекорд на WMO изнесува 56,7 степени Целзиусови и е забележан во 1913 година во Долината на смртта, пустина во јужна Калифорнија, јави Дејли меил.
Во Мексикали, град со повеќе од милион жители во северниот дел на Мексико, температурите се искачија на 50 степени Целзиусови оваа недела, принудувајќи многу жители да останат дома, додека волонтери и властите се обидуваа да им помогнат на оние кои имаат проблем.
Екстремно високи температури на океаните
Од високите температури не се поштедени ниту океаните. Температурите на водата во близина на јужниот брег на Флорида надминаа 32 степени Целзиусови, соопшти Агенцијата за истражување на океани и атмосфера.
Што се однесува до Средоземното Море, температурите на површината ќе бидат „исклучително високи“ во текот на следните недели, соопшти WMO, и може да надмине 30 степени Целзиусови во некои делови, неколку степени над просекот. Зголемувањето на температурите на океаните може да има катастрофални последици за морските животни во однос на нивниот опстанок и миграција, а може негативно да влијае и на рибарската индустрија.
На другиот крај на планетата, температурата на морскиот мраз на Антарктикот се намали на рекордно ниско ниво во јуни.
Светот просечно се загревал за 1,2 степени Целзиусови од средината на 19. век, што доведе до поинтензивни топлотни бранови, поголеми суши во некои области и поинтензивни бури поради зголемувањето на нивото на морето.
Генералниот секретар на WMO истакна дека сегашниот топлотен бран „ја нагласува зголемената итност за намалување на емисиите на стакленички гасови што е можно побрзо и колку што е можно повеќе“.
Г. Т.