Данела Арсовска и Град Скопје се пофалија дека ја пуштија во употреба новоизградената улица „Есенинова“ која ги поврзува општините Аеродром и Кисела Вода.
Од она што може да се види е дека на оваа во иднина важна сообраќајница не се изведени велосипедски патеки, туку само тесни пешачки патеки од двете страни на коловозот каде не можат да се движат истовремено пешаци и велосипедисти, пишува 24инфо.
Не е првпат градската администрација да пушта во употреба улици и булевари без физички одвоени велосипедски патеки.
Таков беше случајот со реконструкцијата на улицата „Рузвелтова“ на „Даме Груев“ и со реконструкцијата на булеварот „АСНОМ“ каде не се изведени велосипедски патеки, што наиде на негодување од страна на велосипедистите во градот.
Инаку, проектот за пробивање на улицата „Есенинова“ започна во време на претходниот градоначалник, а до неговото финализирање се чекаше безмалку две години.