„Членството во Европската Унија е наша стратешка определба која несомнено ќе обезбеди подобра перспектива за нашите граѓани. Тоа значи посилни институции, подобар животен стандард и на крајот подобра иднина за идните генерации дома. Сепак, овој процес не е воопшто лесен, ниту едноставен. Една многу важна одлука пред која сме исправени за членството во Европска Унија се и уставните измени кои се дел од процесот за продолжување на преговорите со ЕУ“, пишува во објава на Фејсбук пратеничката Санела Шкријељ.
Таа додава дека „секој треба да е свесен за својата улога, можноста но и евентуалните последици пред кои сме исправени, зависно дали ќе одбереме да размислуваме себично за сопствена политичка корист или интересот на идните генерации ќе го ставиме пред се“.
„Но, исто така, ќе треба уште многу работа и посветеност во преговорите до полноправно членство во ЕУ. Има задачи кои треба да ги извршиме за станеме дел од овој сојуз, заснован врз вредностите на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Сега треба да го искористиме моментумот на геополитичко влијание за Западен Балкан да биде онаму каде што припаѓа, во ЕУ“, пишува Шкријељ.