Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека утре ќе има средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Утре на барање на украинскиот претседател ќе имам билатерална средба со него“, најави Вучиќ за време на обраќањето пред новинарите во Атина.
Српскиот лидер изјави дека нема сомнеж оти главна тема на разговорот ќе биде Русија. Тој додаде дека меѓу темите на средбата ќе биде и прашањето за признавање на територијалниот интегритет на Србија и на Украина.
„Ќе седнам и ќе разговарам со него во четири очи за се што се случува на Косово во последно време, за признавање или непризнавање на територијалниот интегритет и на едните ина другите“, нагласи тој.
Го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и се надеваме дека тие ќе го почитуваат и нашиот“, изјави Вучиќ, пренесува Нова.рс.
Тој изрази уверување дека утре ќе има „отворен и добар разговор“ со Зеленски, додавајќи дека потенцијалното украинско признавање на Косово би претставувало „голем удар“ за Србија.
Вучиќ престојува во грчката престолнина каде што вечерва грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе биде домаќин на лидерите на земјите од Западен Балкан и земјите членки на Европската унија.