Претседателот на Јужноафриканска Република, Сирил Рамафоса денеска соопшти дека клубот на земјите во развој БРИКС ќе прими шест нови членки, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Иран, на почетокот на следната година.
– Одлучивме да ги поканиме Аргентинската Република, Арапската Република Египет, Сојузна Демократска Република Етиопија, Исламската Република Иран, Кралството Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, да станат полноправни членки на БРИКС од први јануари 2024 година, истакна Рамафоса на Самитот во Јоханесбург.
Повиците за проширување на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) доминираа на агендата на нејзиниот тридневен Самит и ги разоткрија поделбите меѓу блокот околу темпото и критериумите за прием на нови членки.
– Но, групата, која донесува одлуки со консензус, се согласи за водечките принципи, стандарди, критериуми и процедури на процесот на проширување на БРИКС, посочи Рамафоса.
Дваесетина земји формално се пријавија да се приклучат на БРИКС, кој претставува четвртина од глобалната економија и повеќе од три милијарди луѓе.
Околу 50 други шефови на држави и влади присуствуваат на самитот во Јоханесбург, што завршува денеска.
Извор: МИА