Пожарот над Ајватовци е надвор од контрола. Зафатена е поголема површина од најмалку 30-тина хектари од кои поголемиот дел е зимзелена шума, посочи вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Постои опасност од ветерот пожарот да се прошири кон селото Ајватовци и сега силите на Противпожарната бригада на град Скопје ќе се фокусираат да го сопрат огинот да се движи кон селото, изјави Ангелов.
Нагласи дека пожарот е веќе излезен од атарот на скопското село Ајватовци и додаде дека е изгорен и Ајватовски рид.
Најави дека уште од рано наутро двата полициски хеликоптера ќе почнат да дејствуваат на пожарот, а нешто подоцна ќе им се приклучат и двата авиони ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во овој момент ќе се обидеме да направиме уште нешто за локализирање на пожарот во текот на ноќта, потенцира Ангелов.
Претходно, Ангелов истакна дека има уште два тешки пожара. Едниот е кај Умово на територија на Општина Студеничани, кој изби по 16 часот и уште еден пожар има на територија на село Рашче. Тој посочи дека ридот над селото Рашче е зафатен со силен пожар, а скопските пожарникари се распределени на неколку страни.
Ангелов, исто така, додаде дека огнените јазици кои зафатија сува трева, нискостелбести растенија, грмушки и шума на територија на општините Чешиново-Облешево, Пробиштип и Кочани се целосно изгаснати.