Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак утре ќе престојува во Белград, каде ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како дел од подготовките за претстојната средба на високо ниво во бриселскиот дијалог.
Од кабинетот на Вучиќ не соопштуваат кои ќе бидат темите на разговорот. По средбата не е предвидено двајцата функционери да се обратат пред медиумите.
Лајчак вчера објави дека на маргините на Бледскиот стратешки форум имал „важна средба“ со косовскиот премиер Албин Курти, како дел од подготовките за следниот состанок на високо ниво, кој треба да се одржи во септември.
-Главната тема на нашиот разговор беше подготовката на следниот состанок за дијалог на високо ниво во септември, со фокус на нормализацијата на односите и имплементацијата на најавата на ЕУ од 3 јуни, напиша Лајчак на мрежата „Х“, поранешен Твитер.
На 3 јуни ЕУ објави дека очекува Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалог за изнаоѓање одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово.