Тимчо Муцунски и Општина Аеродром продолжуваат со игнорирање на прашањата на граѓаните, кои ние како членови на Советот ги поставуваме секоја седница. Тоа е и за очекување од ВМРО-ДПМНЕ, пишува во објава на Фејсбук, Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром.
Во продолжение прашањата што ги постави Ристески важни за граѓаните на општина Аеродром, за кои вели дека и овој пат одговори не очекува:
- За ДУП-от за Лисиче, општината испратила одговор до граѓанин дека има добиено позитивно мислење од АД ГАМА за гасоводната цевка под планираната 12-катница. Ако е ова точно, го бараме мислењето на увид, ако не, зошто се доведуваат граѓаните во заблуда?
- За напуштениот објект до зградата на ул. Венјамин Мачуковски, број 1А во Мичурин, општината излегла на терен со инспекциски служби и утврдила дека за објектот постои неодговорено барање за легализација од 2011 година. Граѓаните бараат итно да се реши легализацијата на објектот, а доколку е нелегален, да се сруши, со цел да не биде свртилиште за сомнителни лица кои палат оган, расфрлаат ѓубре и уринираат буквално пред влезот на нивната зграда?
- Се уште чекам одговор на прашањето за договорот на Општина Аеродром со ЈП Дисла. Дали е истечен во март и каде општината го фрла собраниот отпад, ако не во депонијата Дрисла? Дали можеби општината е креатор на нови диви депонии?
Ристески нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ „никогаш немале одговори на непријатните прашања и секогаш им било полесно да ги игнорираат, отколку да ги решаваат. За транспарентност да не зборуваме“.