Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во гостување во Канал 5 телевизија кажа дека јавноста не знае што се случувало на средбата на Габриел Ескобар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
-Но тоа што се знае е дека стратешки интерес е Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Пораката е дека САД ги има за партнери оние политички сили и партии кои работат за интеграција во НАТО и ЕУ и се борат против корупцијата и криминалот. Ескобар не дојде да прави притисок, туку да каже дека САД имаат ист интерес со нас, да станеме дел од ЕУ и да ги донесеме потребните одлуки, кажа Ковачевски.
Според него, единствен „Европеец“ кој ги брани позициите на ВМРО-ДПМНЕ е бившиот претседател на партијата Никола Груевски.
-Ова не е одлука за поддршка на Владата, туку за поддршка на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Тоа нашите граѓани го сакаат, рече Ковачевски.
Коментирајќи ги ставовите на опозицијата, тој кажа:
-Што имаме од другата страна кај ВМРО-ДПМНЕ? Некаков нов вид на птица, ВМРО-папагал, што повторува само „избори“. Ако ги прашате колку е часот, ќе ви кажат „избори“. Ако ги прашате каква алтернатива нудите, ќе ви кажат „избори“. Ако ги прашате што после избори, ќе ви кажат „избори“.