Грција достави барање до Европската комисија за измени на нејзиниот План за закрепнување и отпорност и побара позајмица на пет милијарди евра во рамки на програмата РЕПауерЕУ наменети за поддршка на приватни инвестиции поврзани со зелената транзиција, дигитализацијата и зголемувањето на извозните капацитети и иновациите.
Како што соопшти Европската комисија, според најавите, овие дополнителни пет милијарди евра би се користеле за да им се овозможи на компаниите полесен пристап до финансии преку подигнување кредити со помали трошоци.
Предложените измени на Планот, меѓу другото, се однесуваат на проверка на сеизмичката отпорност на критичната јавна инфраструктура, на реформи во примарната здравствена заштита, катастарот и даночната политика, како и на поттикнување на електронски трансакции.
Грција побара и во Планот за закрепнување и отпорност да пренесе дел од својот удел во резервите за прилагодување на Брегзит, со што заедно со претходно добиените грантови од РЕПауерЕУ и бараната дополнителна поддршка за позајмица, земјата со изментиот План би обезбедила средства за грантови во вредност од 18,22 милијарди евра и за поддршка за кредити од 17,73 милијарди евра.
Еврокомисијата има рок од два месеци да процени дали барањето за измени на Планот е во согласност со критериуми на Регулативата на Фондот за обнова и отпорност и доколку даде позитивно мислење, треба да му предложи на Советот на ЕУ да одобри промена на грчкиот План, по што земјите членки на Унијата ќе имаат период од четири недели да се произнесат за предлогот на ЕК.
Програмата РЕПауерЕУ е наменета за поддршка на мерки за енергетска ефикасност, како реновирање со цел да се обезбеди поголема енергетска ефиканоста, трансфер кон обновливи извори на енергија или складирање енергија.