„До пред неколку дена можеби имаше простор за дилема, но по Стратегискиот форум во Блед јасно е дека 2030 станува реална рамка. Ние претходно ја зададовме оваа година како реална рамка, бидејќи проценките се дека преговорите ќе завршат за 5-6 години и ратификацијата да се комплетира до 2030 година“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека овој рок не е даден туку така, туку по консултации и разговори со Европската комисија и државите членки.
„Таа одредница е клучна за мотивација на сите држави кои преговараат. Тука се Украина и Молдавија, кои се од стратешко значење, но и за државите од Западен Балкан кои 20 години се надеваат на ветувањето од Солун од 2003 дека ќе станат членки“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека конфузија прават само тие што сакаат да најдат лоша вест во добрата вест и на оние кои бараат влакно во јајцето.
„Оваа изјава е пресвртница и е шанса што треба да ја искористиме“ рече Маричиќ.