Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Откако министрите Османи и Маричиќ го пуштија зборот „дистинкција“ во етер, тој, некако, се изветви, како да не значи ништо. Овој март, на контекстот во врска со дистинкцијата реагираше новинарот Героски („ступидната теза на Маричиќ“), веројатно убаво разбирајќи дека овој збор ќе има или врвно значење, или ќе биде – ништо. Нема средина за таков збор. Тој момент беше првиот во кој се формираше патека дали контекстот на овој збор ќе остане само неразбран или ќе ги качи влоговите на – несакан збор. Дистинкција. Меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Тој постави реторичко прашање „Досега таа ‚дистинкција’ не била јасна?“ – секако, со критичниот збор во наводници (едни од најсодржајните наводници од ваквиот формат на текстови). Реторичките прашања, воопшто, се лимитери до каде говорникот смета дека треба да се оди со размислувањето. Таков е и овој случај и ако видиме колку месеци поминале оттогаш досега, би се рекло – ова реторичко прашање успешно си ја врши работата – да се седи во плиткото: Само до очигледната јасност дека има дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Вистинското прашање, бидејќи дистинкцијата отсекогаш била јасна, е – што може да се направи со таа дистинкција и тоа да биде добро за Македонија?
Бугарско-националистичката теза е дека Македонците биле (и дека актуелно се) – Бугари. Заради овие структури, на Бугарија, во никој случај не ѝ паѓа на памет во нивниот Устав да разграничуваат Македонци од Бугари, особено што – никако спротивно со тоа што – бројот на Македонци таму е значаен. Некаде на дното на текстот за „ступидната теза на Маричиќ“, и Героски чесно си пишува дека „Бугарија и Бугарите се тие што не прават ‚јасна дистинкција’ меѓу Македонците и Бугарите“.
Вилијам Дејл Монтгомери, американски дипломат и амбасадор во Бугарија во 90-тите во интервјуто на Романо Болковиќ на Хрватската Радиотелевизија на 6.10.2021 од 25:15 до 26:17 вели дека при назначувањето за амбасадор во Бугарија јавно морал да одговори во Сенатот на прашањето на сенаторот Бајден (денешниот претседател на САД): „Што мислите за новиот бугарски Устав кој забранува споменување на Македонците?“ Неговиот одговор бил дека тоа не е добро и дека тоа треба да се промени. Овој одговор станал главен наслов во бугарските весници уште следниот ден и уште пред неговото пристигнување во Бугарија се работело на тоа Монтгомери да стане персона нон-грата заради таа реченица. Тоа, освен задртоста на бугарскиот национализам по горливата желба за на недистинкција меѓу Македонците и Бугарите, ја покажува и конзистентноста на стратешката определба на САД за нас.
Значи, на она што светот го знаел и знае, многу симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ замижуваат. Така, се случува токму ВМРО-ДПМНЕ да ја промовира тезата на бугарските националисти – дека македонскиот и бугарскиот народ се едно исто, преку отпор кон додавање засебно набројување на „дел од бугарскиот народ“ во реченицата од Преамбулата на Уставот, која започнува со македонскиот народ. Дури и да ги игнорираме европските вредности, геостратегијата и срамежливото клонирање на стратегијата на Тито за овој регион, ние сега би требало најмногу од сѐ самите да сакаме да се додаде делот од бугарскиот народ во Уставот. Дури и, сега сме во толку добра позиција, што можеме, просто, од чист инает на бугарската теза да не се споменуваат Бугари и Македонци заедно во ист документ – токму во Уставот да ги споменеме, во иста реченица – македонскиот народ на почетокот, а дел од бугарскиот народ – некаде пред крај на реченицата.
Бугарското инсистирање дека немало дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ, Македонија можеше да го пресече уште одамна, кога Преамбулата на македонскиот Устав почна да набројува делови од народи. Уште тогаш рамката била подготвена за се направи тоа разграничување меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Активно да ја употреби „јасноста на дистинкцијата“ со запишување на „дел од бугарскиот народ“ во Уставот каде што се и другите делови од народи, макар и само еден бугарски граѓанин да има во Македонија. Така, досега ќе беше официјално: Македонски народ – прв запишан во Преамбулата е сосем различно од „дел од бугарскиот народ“, таму некаде наброен при крај. Би било веќе запишано црно на бело во Устав – не помалку! – дека бугарските граѓани овде се „дел“ од сосем друг народ, не македонскиот. Зошто тоа не е пресечено вака од порано, зошто дистинкцијата не се запишала во овој највисок документ, сигурно тие што ги следат процесите од поблиску – подобро знаат.
Дали денес се работи за дефицит од здраво расудување на македонските националистички партии да „опонираат“ со тотално истата бугарско-националистичка идеја (тогаш, не е опонирање, туку е колаборација), односно, како што ВМРО-ДПМНЕ инсистира, дистинкцијата да не се запишува во Уставот, или, пак, е предавство на македонската национална кауза (тогаш, тоа, веројатно би било под диригентство на своите бугарски колеги од истоимените партии ВМРО во Бугарија), сигурно некои идни истражувачи ќе откријат.
Моментално, ги гледаме овие делчиња од сложувалката, односно следните факти:
– ВМРО-ДПМНЕ инсистира на континуитет со историското ВМРО и Ванчо Михајлов.
– Основач на ВМРО е Тодор Александров. Ниту Тодор Александров, ниту Ванчо Михајлов „никогаш, во ниеден документ, во ниедна конотација не се изјасниле во прилог на македонска нација“ (цитат од интервју на академик Блаже Ристовски – заради проверливоста ќе го земеме ова тврдење за факт). Тодор Александров „инсистира во писмата до Женева, до Друштвото на народите, да им објасни зошто Македонците се Бугари“ (цитат од истото интервју на академик Блаже Ристовски и повторно, заради проверливоста ќе го земеме ова за факт).
– Штабот на партијата се вика – не Гоце Делчев, не Даме Груев, не Никола Карев, не Ѓорче Петров, итн., туку „Христо Татарчев“! Колку и да е контроверзен овој лик, факт е дека во 90-тите правнукот Иван Татарчев е главен јавен обвинител во Бугарија и почесен претседател на бугарското националистичко ВМРО-БНД (Димитар Бечев стр. 219 во Историски речник на Република Македонија), истиот кој во 90-тите години предложил измени во бугарскиот кривичен законик за казнување на членовите на ОМО „Илинден“ на 10-20 години затвор (стр. 164, докторска дисертација на Владимир Пешевски, член и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и министер).
– Висок претставник на партијата ВМРО-ДПМНЕ не го крие своето бугарофилство (А. Милошоски) и никој ја нема заборавено навредата за Блаже Конески како „џуџето од Небрегово“, ниту постхумната лустрација на македонскиот великан Славко Јаневски. МАНУ во 2013 г. смета дека тој чин е удар однатре на македонскиот национален идентитет, дека е основа за сомневање дека мотивот е негација на македонската самобитност, но и негација на начелата на правната држава. Милошоски не е исклучен од партијата, а бил и дури министер за надворешни работи! А ВМРО-ДПМНЕ притоа не се прибра ни малку со наративот на „чисти Македонци“ – што е, на ваков начин, измама.
– Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат закони кои го потврдуваат македонскиот јазик. Избегнувањето да ја гласаат ратификацијата на Договорот за Фронтекс, првиот договор со ЕУ потпишан на официјален македонски јазик, најмногу боде очи (еве, настрана што не го честитаа потпишувањето), бидејќи претходно многу кукаа за астерикси, ѕвездички, фусноти и непризнаеност на македонскиот јазик. Оддаваат силен впечаток на разочараност од признаеноста на македонскиот јазик како еден од официјалните 25 јазици во ЕУ, со сличен сентимент како ВМРО-БНД, само уште попотценувачки. Коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за Резолуцијата на германскиот Бундестаг за македонскиот јазик изгледа многу непатриотски потценувачки, настрана што е и неетички коментар.
– Не отвараа врата за попис. Бројот на Македонци можеби излезе помал.
– Членови на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која се рекламира дека е сочинета од чисти, вистински Македонци, имаат бугарски пасоши и не се исклучени од партијата заради тоа. Јавна тајна е дека има и високи функционери и пратеници од „највистинските Македонци“ – кои во процедурата за добивање пасош докажале бугарски корени. Не е проблем да се има двојно државјанство од која било земја, проблем е лицемерието, измамата за „македонска чистота“ врз која се базира популарноста и соодветно, бројот на претставници на ВМРО-ДПМНЕ во Законодавниот дом. Наместо да биде скандал дека воопшто И ЕДЕН член на оваа партија која се колне во „чисто македонство“ има бугарски пасош, партијата и симпатизерите блажено си мижат на тоа и не прекинуваат со измамата за сопственото декларирање за себеси како „чисти“ Mакедонци. Не е одговорот на ова „и другите имаат пасоши што не се македонски“ или „и другите имаат бугарски пасоши“. Нека има, кој мисли дека му треба, ама ајде чесно тогаш да НЕ тврдиш дека ВМРО-ДПМНЕ е „најмакедонска“. Со толку слабо држење на овој самонаметнат критериум, излегува најНЕмакедонска.
– Најпосле, темата овде: ВМРО-ДПМНЕ не сака (или не сфаќа) документирано разграничување во Уставот на македонскиот и бугарскиот народ. Неразграничувањето е во насока на истата теза на агресивниот Џамбаски, Радев и сличните бугарски националисти. Јавното „образложение“ (всушност – пропаганда) на ВМРО-ДПМНЕ за непромена на Уставот се темели на фалшливата теза на замена на бугарскиот фашистички окупатор во Македонија во 40-тите од минатиот век, со минијатурниот дел од бугарскиот народ од 3500 души денес во Македонија, што е повторно измама одозгора на измамата за „најмакедонскоста“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Трета измама со која се филува оваа корава торта од измами е измислувањето на баба-рогата „бугаризација“ на речиси двомилионски народ од тие три и пол илјади луѓе (и да се 50 илјадите со бугарски пасоши, пак е смешно). Но, оваа аномалија е веќе состојба на умот во ваков контролирачки и неслободарски колектив како што е партијата ВМРО-ДПМНЕ и затоа, скоро сигурно е дека секој убеден вмровист или вмровец, доколку читал до овде, чувствува непријатност во фронталниот кортекс, како непријатноста на алармот наутро. Тоа е ефектот на будење. Само во будност ќе може да ја види и лагата дека Бугарија воопшто ПОБАРАЛА вметнување на „дел од бугарскиот народ“ во македонскиот Устав („бугарски диктат“), колку и бугарските функционери да се „прчат“ пред своите националисти сега дека тие „бараат“.
Вистината се добива со одвојување на сигналот од шумот. Шумот е намерно генериран за да ги држи сите страни да одат стабилно по жица и да не паднат поради избувливите националисти. Тој шум е многу едноставен: Рецитација на „европски вредности, права, недискриминација“ – сѐ што многумина го сметаат за бла-бла, а воедно стои. Но, тој не е суштината, не е содржината на „сигналот“. Еден просечен граѓанин би требало да се краси со добар signal-to-noise ratio за да сфати дека ниеден официјален претставник од ниедна страна нема да ја нацрта експлицитно вистината и дека вистината всушност и не е тешка за откривање, освен ако НЕ си трибален националист, т.е. со затворен ум. А таа е, дека под влијание на ЕУ, Бугарите нерадо се сложија дека сите барања од бугарскиот„Објаснувачки меморандум“ од 2020 г. мора да се заменат со еден единствен „услов“, како што вештачки ќе се нарече дополнувањето на македонскиот Устав со „дел од бугарскиот народ“. Нерадоста на прифаќањето на ова од бугарските официјални лица, најмногу се должи на притисокот на Макрон, по што почнаа нестабилностите со бугарската Влада, изборите во круг, непријатностите со европските фондови… Така се распаднаа ужасните барања од „Објаснувачкиот меморандум“ во кој, да се сетиме, буквално се бараше македонската историја, култура, јазик и народ – да не постојат! Тие влажни соништа им се распрснаа како меур од сапуница од допир со малото прсте на ЕУ и САД, а безобразниот документ – меморандум се изронка и го снема во бајките. Прилично неспектакуларно потоа дојде официјалното бугарско прифаќање на Преговарачката рамка за Македонија во нивното Собрание, по стандардната процедура на правилата на ЕУ.
Во „замена“ за ужасните бугарски националистички барања од меморандумот, претставници од ЕУ им понудија на Бугарите да се нарекува „услов“, замислете, запис за ДИСТИНКЦИЈА на македонскиот и бугарскиот народ – најгорчливото апче, најгрозното нешто за националистичкиот бугарски вкус. Но, веројатно, националистите, уверени дека имаат алатки во Македонија со кои ќе можат да манипулираат и ќе оневозможат запис за дистинкцијата меѓу Македонци и Бугари во македонскиот Устав – се согласуваат. Тие алатки се распространети низ самонаречените националистички партии во Македонија, маскираните како „највистинските Македонци“, оние што се Македонци само со симболчиња, вештачки националистички изјави, а некои специјални од нив, многу сомнително-можно, со црни финасиски трансакции со црни ликови. Инаку САД не би правела црни листи по истата конотација.
Сложувањето факти во информација е секогаш потребно, а сега е во име на долготрајно светлата, вековно посакувана идеја за мирен и добар живот во Македонија, кој е на праг да се исполни со паметната работа која одамна требало самите да ја смислиме и направиме – запис на дистинкцијата меѓу македонскиот и бугарскиот народ во македонскиот Устав. Во македонскиот Устав и имаме влијание, во тој сведок за идните поколенија. Во бугарскиот Устав – немаме влијание. Затоа, не е во ред да се бара влечкање со избори без претходно да се даде придонес на овој македонски интерес. Просто, елементарно непатриотски и нечесно е да се става товар на запишувањето на таа дистинкција, со било што. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е спротивно на секоја паметност како Македонија треба и може да одигра. За сето македонство што го тврди, сѐ прави само за да НЕ даде придонес на оваа примарно македонска, но и европска, а и американска стратешка определба.
Исполнувањето на оваа определба што дистинкцијата ја овозможува е затварање на „бурето барут“ . Бурето се затвара со дистинктивен, независен македонски народ во јасни граници, со јасен идентитет и признаен македонски јазик. Нема мрчење од никаде во светот за ништо од ова, сѐ е во ред со сите споменати значајности за Македонија и Македонците и сето тоа е исполнување на македонските највисоки интереси. Треба конечно да разбереме дека многу ни вреди совпаѓањето на нашиот интерес со американските и европските геостратегиски цели. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како Македонец, направи безумен фаул и неписмена глупост со прогласување на Европа и светот за непријателски, бидејќи во вакво совпаѓање на европските и американските геостратегиски цели со македонските, со тој срамен манир отворено признава дека ВМРО-ДПМНЕ е непријател не само на сите тие цели, туку токму на македонските интереси, на македонскиот мир и добросостојба.
Да биде јасно, правењето на конечната дистинкција дека македонскиот народ не е бугарски е во моментов на НАШ, македонски терен, во наша корист и ние самите ја имаме можноста да го затвориме проклетството на бурето со само четири зборчиња во набројување – „дел од бугарскиот народ“ во истата реченица која почнува со „македонскиот народ“ и тоа би требало да е slam dunk поен за нас. Некој ќе рече – ама учебниците? Тоа не е во Рамката и тоа ќе оди со наука или ќе стои во место. Има кој да рецензира наука. Други околу нас имаат многу, многу поголеми проблеми, отколку дел од народ од 3500 луѓе да се стават во Уставот заедно со други делови од народи. Како не може да се сфати дека македонскиот народ во Уставот е даден во чиста форма, а сите останати делови од народи не се мешаат со него. Сега, ВМРО-ДПМНЕ сака само делот од бугарскиот народ да го помеша со македонскиот народ?! Е, па, да ми извинат, ама тоа е – сомнително! Зошто „дел од бугарскиот народ“ да не стои одделно?!
Согледувањето на бугарофилните-бугарофобни парадокси од страна на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ што раководството им ги прави е чекор и кон концентрација на проблемот со корупцијата. Имено, еве, да земеме за факт дека во сите партии има многу корумпирани поединци, кои доведуваат до прелевање на корупцијата и во граѓанството. Но, ВМРО-ДПМНЕ си става дополнителен услов – „македонска чистота“ која никако не успева да ја постигне, всушност не само што не се труди, туку тотално си се упропастува самата по прашање на таа карактеристика (според горните делчиња од сложувалката: бугарофили – на високи позиции, бугарски имиња кои се слават, потценување на успесите на потврдување на македонскиот јазик во светот…). Но, овој самозацртан услов за „чисто“ македонство е далеку полесен да се контролира внатрепартиски отколку корупцијата – која е распространета. Како тогаш да веруваме, кога полесното – „македонска чистота“ не можат кај себе да го средат – дека ќе средуваат сеопшта корупција? Особено после споменичарењето, обвиненијата, доказите за минатото коруптивно однесување од нивните редови, манипулациите со избори што остава една ужасна мисла дека можеби имало период во кој нелегално имале власт, кукавичкото бегалство на бившиот шеф на партијата под обвиненија со докази за корупција, итн.
Значи, излегувањето од психозата на затвореноста што партијата им ја генерира на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ со „чистотата“, треба да доведе или до исклучување од партијата на оние кои не се држат до својствата на „чисти Македонци“ или, просто, да се прекине со таа „чистота“ и да играат на истиот терен со останатите партии, без додатни својства кои и така не можат да ги одржуваат. Ако имаат храброст како што се фалат, тогаш да си расчистат внатре, дали раководството и високи функционери им се во специјални врски со бугарските националисти и затоа се борат за бугарски интереси, а тековно – за бугарската идеја да нема дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ во македонскиот Устав (исто како што е во бугарскиот Устав), или, пак, едноставно, раководството им е составено од некомпетентни фрирајдери.