Стефан Васев од СДСМ даде изјава по повод невистинитите објави кои се шират на дел од порталите, меѓу кои и порталот Антропол, дека поранешниот директор на Клиниката за Онкологија имал роднинска поврзаност со докторот. Антропол, кој се смета за гласило на политичката партија што се нарекува Левица, го објави демантот во попладневните часови, но не се извини.
“Порталот Антропол објавува невистина. Целосно ги отфрлам лажните вести и невистините што се шират на дел од порталите и социјалните мрежи за наводната роднинска поврзаност со доктор Никола Васев. Ниту роднински ниту на било кој друг начин не сме поврзани со споменатиот доктор Васев. За изнесените лаги ќе побарам извинување и повлекување поради повреда на мојата чест и углед“, изјави Васев.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, ја потврди лажната вест која се прошири на мрежите кон поранешниот колега Стефан Васев преку Фејсбук објава:
„Поранешниот колега Стефан Васев ниту е син на споменатото лице, ниту има мајка обвинителка, ниту дада новинарка инфлуенсерка! Лагата е употребена за поврзаност со случајот кој ја згрози цела јавност, а можеби е со цел да се сокријат некои други имиња!“ – напиша Кузеска, меѓу другото.
Портпаролката на СДСМ го потенцира ставот на партијата дека „секој виновен, без разлика на партиска, верска и било каква припадност ќе си одговара“.
М. П.