За справување со последиците од невремето „Даниел“, преку фондови од Европската Унија, Грција ќе може да добие до 2,25 милијарди евра, соопшти денеска претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Фон дер Лајен ја изрази поддршката за Грција и грчкиот народ, истакнувајќи дека Унијата е унија на солидарност
-Мојата главна порака е дека Европската комисија ќе биде инвентивна, ќе бидеме брзи и флексибилни, ќе ги мобилизираме сите ресурси на ЕУ што може да се распоредат, рече претседателката на Комисијата и се осврна на пет важни фондови за финансирање што може да се мобилизираат.
Објасни дека можат да се користат различни европски фондови и средства, а вкупно, Грција може да мобилизира до 2,25 милијарди евра.
Дополнително, фон дер Лајен посочи дека Европската комисија е подготвена да го оцени грчкото барање за поддршка од Фондот за солидарност, но додаде дека важно е земјите- членки да се согласат со предлогот за зголемување на средствата и доколку се одобри, следната година, би можеле да се издвојат и до 400 милиони евра.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на претседателката на ЕК ѝ покажа фотографија од селото Метаморфоси во областа Тесалија, какво беше пред поплавата, а како е сега, се осврна и на пожарите и на поплавите што ја зафатија земјата за краток временски период и рече дека Грција може да смета на поддршката од Европа.
-Европа ја поддржа Грција во многу тешки времиња и сигурен сум дека истото ќе го стори и сега, истакна Мицотакис
Во однос на Фондот за солидарност, рече дека ќе биде негова лична мисија да ги убеди неговите колеги во Европскиот совет дека Фондот мора значително да се зголеми „со цел да се поддржат земјите погодени од природни катастрофи кои се директно поврзани со климатските промени“.