По реакција на поголем број на родители, наши граѓани, по последните немили настани изминативе неколку денови и неколку недели, во координација со МВР одлучивме да се засилат полициски присуства во Општина Центар, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на заедничка изјава за медиумите со портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски.
Информираше дека во следниот период ќе имаме засилени полициски контроли, присуство на полиција во регионот тука во Дебар Маало, но и низ целата Општина Центар со цел на превенција од насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови.
-Се договоривме уште повеќе да ја интензивираме и координацијата, и комуникацијата со цел, пред се, превенција на немилите настани, изјави Герасимовски.
Тој апелираше до граѓаните што побрзо да пријават и да алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР кои мораат навремено да реагираат, а на родителите им порача будно да ги следат децата и да работат со нив на превенција од насилство, алкохолизирање и најважно, злоупотреба на дрога која, како што посочи, е огромна опасност кај најмладите.
Ангеловски информираше дека МВР презема низа мерки и активности за зголемување на безбедноста на граѓаните и дека се работи на превентивен, но и на репресивен план и рече дека според статистиките сето тоа дава резултати.
-Во првите осум месеци од оваа година имаме намалување на криминалитетот за 10,6 проценти во однос на првите осум месеци од минатата година. Но се разбира продолжуваме со интензивни мерки и активности за да ги подобриме и овие бројки, изјави Ангеловски.
Герасимовски и Ангеловски заедно посетија неколку точки каде што се поставени припадници на полицијата коишто се дел од овие засилени контроли како и неколку точки во оваа Општина кои се попосетени од страна на граѓаните.