НАТО следната година има намера да ја одржи најголемата колективна воена вежба од Студената војна наречена „Steadfast Defender“, во која ќе учествуваат повеќе од 40.000 војници од земјите членки, а маневрите ќе се одржат на територијата на Германија, Полска и три балтички држави, изјави на прес-конференција шефот на воениот комитет на Северноатлантскиот сојуз, Роб Бауер.
„Следната година ќе ги организираме најголемите маневри кога станува збор за колективна одбрана уште од Студената војна. Ќе учествуваат повеќе од 40.000 војници од различни земји“, истакна Бауер, додавајќи дека Алијансата очекува „нова ера на колективна одбрана“.
Во рамки на маневрите „Steadfast Defender“ се вежба колективна одбрана и тие се организираат на регуларна основа.
Како што претходно објави Фајненшл тајмс, планирано е во рамките на овие вежби да бидат спроведени меѓу 500 и 700 задачи за извршување на воздушни борби, а ќе учествуваат повеќе од 50 бродови и околу 41.000 војници.
Се очекува на вежбите да учествува и Шведска, чие барање за влез во НАТО се уште не е верификувано од Турција и Унгарија.
Г. Т.