Спасувачкиот тим на Малта вчера пронашол стотици тела на плажата на либискиот град Дерна, што беше погоден од поплавите, објави Одделот за цивилна заштита на Малта. Веројатно имало околу 400 тела, но тешко е да се каже прецизно, изјави за Тајмс оф Малта, Наталино Безина, шеф на спасувачкиот тим на Малта.
Малтешките власти распоредија тим од 72 спасувачи од армијата и од одделот за цивилна заштита. Тимот од четири лица е првиот што откри група од седум тела на плажа во пештера покрај морето. Меѓу нив имало и три деца. Се верува дека телата биле исфрлени во морето од силните поплави што се случија откако поројните дождови што пристигнаа со бурата Даниел урнаа две брани, уништувајќи една четвртина од крајбрежниот град.
Безина за малтешките медиуми изјави дека мал тим спасувачи наишол на полупотопена пештера во која се наоѓале тела. Тие ја продолжија потрагата по преживеани и жртви. Ним им се придружиле колегите од Либија со гумени чамци, а потоа наишле на мал залив со повеќе стотици тела.
Г. Т.