Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во Њујорк се сретнаа со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, при што станало збор за актуелни политички прашања во Северна Македонија и регионот и нивните импликации во поширок безбедносен контекст.
Заеднички е констатирано дека е неопходно да се задржи европскиот курс, со следниот чекор во претстојниот период, со цел државата да го осигура развојот, како и да придонесе во европската стабилност, а за што земјата има силна поддршка во Европската Унија, соопшти владината прес-служба.
Во таа насока, од Северна Македонија се очекува да го задржи приматот на регионален лидер во интеграциите, како пример за решавање предизвици преку мудро лидерство и дијалог и за другите држави во Западен Балкан.
На средбата заеднички е оценето дека секое поинакво дејствување на политичките субјекти во Република Северна Македонија надвор од европската агенда, ја загрозува европската определба на државата. Со тоа, го доведува во прашање квалитетот на живот на македонските граѓани и ја става земјата во извесна изолација на долг рок, со што задира и во пошироките стратешки цели за одржување на регионалната и европската стабилност, посебно во актуелниот геополитички контекст.
Лајчак и Ковачевски констатираа дека неуспехот на Северна Македонија ќе биде и неуспех на Европската Унија, информира владината прес-служба.