За време на Втората светска војна, на 23 септември 1943 година, на ослободена територија во селското училиште во Подвис, Кичевско, првпат се одржала настава на македонски јазик.
За прв учител бил именуван Василко Ристески од Подвис, кој им се обратил на учениците со зборовите: „Деца, отсега натаму ќе си учите на вашиот мајчин македонски јазик. И ќе си се поздравуваме на македонски јазик.“
На првиот час присуствувале седум ученици, а потоа во наредните денови се вклучиле и други ученици.
Секој ден, при влегувањето на учителот во училница, тој поздравувал со: „Смрт на фашизмот“, а децата одговарале со: „Слобода на народот“.
На местото на училиштето денес е останата само урнатина, зарастена во трње и грмушки, а дотаму не може да се стигне со возило, иако оваа зграда е оддалечена само еден километар од магистралниот пат Кичево – Охрид.