Законот за употребата на македонскиот јазик е заглавен во Собранието поради пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и затоа, апелирам до Комисијата за култура да седне на маса и да се заврши оваа процедура, бидејќи тековниот Закон е од 1998 година и потребни се овие измени, рече вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во гостувањето во вестите на МРТ1, Костадиновска-Стојчевска напомена дека со донесување нов закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително се користат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо и дека тоа ја дава основата за усвојување национална стратегија за македонскиот јазик што овозможува, како што истакна, дополнително да го чуваме неговиот интегритет.
Министерството за образование и наука ќе нуди стипендии за јазични студии, а професионалните лектори ќе бидат лиценцирани, дополни Костадиновска-Стојчевска.