Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Македонецот ја открива вистината за себе, за својата историја и култура, за себе како нација, самиот, многу убедливо и аргументирано, недвосмислено, никаква наука тука не е потребна, комшиските шовинизми на тој терен се непотребни лизгачки стартови во нозете кои се веќе испокршени, само еден поглед на денешната загубеност, раскурцаност, скршеност, на ова ријалити шоу, на оваа собраниска, медиумска и општа задруга, ги прави сите „научни“ конференции на ману и намигнувачки изјави на Ката, сосема непотребни, да не речам-без врска.
Кое културно духовно и историско наследство можело да роди една лепота каква што е Дафа? Или Кикифрики.
Или Мицкоски?
Или вмро-дпмне?
Тие ни кажуваат и на нас и на светот дека нема потреба повеќе да копаме по минатото. Тие се златните маски од Требеништа, гробот на Александар и јазичните диференцијации од 11 век.
А вмро е збирна именка на големото ништо од кое доаѓаме и кон кое се враќаме.
Тој е автобусот што го вози Мишко.
Пардон, Мицко!
Ништо од нашите приказни за длабоката и славна историја и култура нема потврда во нас. Ние сме деманти на тие приказни.
Што се издигнува над панорамата на политичкиот па и духовниот живот?
Кои историски слоеви, која духовна и културна натрупаност?
Кој белег сме го оставиле на културната мапа на Европа?
Ништо!
Кој Господ или акумулиран ум ги држи конците на кои висат Македонците?
Никој и ништо!
Ние сме како топчиња во барабанот на историската лотарија што се врти и нѐ чука еден од друг.
Ние сме како луѓе на кои ветерот им го однел покривот над главите.
Идилична супа на македонскоста од која ни свират цревата.
Престилизирани сме, би рекол Гомбрович, во самопретставите и во полжавските траги што ги оставаме зад себе и тврдиме дека се поплава од култура и духовност.
Премногу сакаме да бидеме Македонци поради што премалку сме.
Ние сме Македонци што ги гушат Македонците какви што би можеле да бидеме.
Македонската форма како и која било друга форма не може да ја наруши друга форма, бугарската, да речеме, туку само олабавувањето на внатрешниот однос кон таа форма.
А тоа е повеќе од потребно.
Формата е да се напаѓа, а не да се брани.
Затоа што формата нѐ ограничува, нѐ држи заробени, па дури и зарибани.
Олабави се, О, Македонецу!
Ако не сакаш да пукнеш.
Порано се мислеше дека глупоста може да биде оплевена со истрајни напрегања на разумот.
Имаше времиња кога нешто го повлекуваше зад себе ширењето на хоризонтите на луѓето кои се занимаваат со мислење.
Сега веќе, забележал Гомбрович уште пред 60 години, не што се остваруваат туку доминираат времињата на Големото Разочарување.
Денеска би пишувал за крај на разумот, на духот и на чувствата.
Старата глупост, денеска не е исчезната како во анализата на големиот Полјак, туку се крева од дното и ѝ дава тон на општата атмосфера.
Ништо не ја плеви.
Со тоа што, како и кај Витолд, се појавува нова која што ја раѓа, имено, интелектот и која е негов понекогаш нуспроизвод, а понекогаш главна манифестација.
Интелектуалната глупост односно глупоста на интелектот.
Ако Витолд чувствувал дека авторитетите се потрошени и дека секој од нас мора да го промислува светот и животот со сопствените сили, дека стариот свет е урнат, што да се каже за денешниот свет. Во кој новите авторитети се бираат исклучиво од редовите на идиотите. Посебно партиските.
Интелигенцијата и тогаш и денеска ја одликува необична наивност, во неа живее чудна незрелост, со тоа што интелигенцијата никогаш не била порасипана и помалку интелигентна од таа што постои денеска.
Така заглавивме во страшното мочуриште на недомисленото мислење во некаква општа несварливост и калта на поливичната длабочина (ВГ).
Да го земеме на пример вмро и неговите манифестации во кои идиотизмот не е инцидент или медицинска дијагноза, макар што има и такви аспекти, туку свесно избрана политичка доктрина!!!
Или медиумите.
Имав еден мал коментар на колумната на Љупчо Поповски и со таа реакција во која мислам дека е содржана илустрација на сета драма на светот за која пишувал уште Гомбрович, а јас се занимавам педесет години, сакам да го завршам денешниот текст:
Проблемот на новинарството не е неутралноста, како што може да се заклучи од колумната на Поповски, туку тоа што во осум деветини е на страната на деструкцијата, на самонегацијата затскриена или алибирана со митови, илузии, можеби и добри намери, на стрната на злото, на беспоговорното зло, паднато во зоната на неверојатно незнаење, спремно да и се подаде на манипулацијата, било затоа што не знае да ја препознае, било затоа што мисли дека е така добро или ја цени нејзината коруптивна моќ, со еден збор – општествен феномен кој беше и е ударна бригада во растурањето на македонското општество, на неговите културни, морални, интелектуални и политички основи. Злосторнички рог на злосторничкиот бик. Дури, би рекол дека Љупчо како да сака да држи една неутрална линија.