Путиновата агресорска армија денеска уби речиси 50 луѓе во артилериски напад во Харкив, изјави висок претставник на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
И амбасадорката на Украина во нашата земја, Лариса Дир, на социјалните мрежи извести дека е погодена продавница во Харкивската област, при што загинаа 49 лица, меѓу кои и шестгодишно дете. Таа нагласи дека на Украина ѝ е потребна помош со муниција и средства за противвоздушна одбрана што е можно поскоро.
„589 ден. Сега! Харкивска област. Купјански реон. Државата-терорист рф погоди продавница – загинаа 49 лица, меѓу кои 6-годишно момче. руските убијци убиваат Украинци секој ден, потребна ни е помош со муниција и средства за противвоздушна одбрана што е можно поскоро!“ – објави украинската амбасадорка.
589 ден. Сега! Харкивска област. Купјански реон. Државата-терорист рф погоди продавница – загинаа 49 лица, меѓу кои 6-годишно момче.
руските убијци убиваат Украинци секој ден, потребна ни е помош со муниција и средства за противвоздушна одбрана што е можно поскоро! pic.twitter.com/trYe6iqQAK— Larysa Dir (@dir_larysa) October 5, 2023
Гувернерот на Харкив, втор по големина во Украина, изјави дека шестгодишно момче е меѓу 49-те лица убиени од гранатирање во селото Гроза, каде што спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат урнатините. Уште шестмина се повредени, меѓу кои и една млада девојка.
Нападот врз селото Хроза, западно од Купијанск, е еден од најсмртоносните напади врз цивили од почетокот на војната, објави Би-Би-Си.
Овој напад е извршен откако стана очигледно дека на воен план, рускиот агресор трпи загуби и со месеци е во дефанзива. Руската Црноморска флота е принудена на големо повлекување од пристаништето на Крим, како што објави американскиот Институт за проучување на војната, илустрирајќи го со зборовите на британскиот министер за одбрана Џејмс Хипи кој рече дека флотата претрпела „функционален пораз“.
Во текот на првите денови од октомври, според сателитските снимки, најмалку 10 од елитните воени бродови на Владимир Путин се повлекоа 237 милји во правец на руската територија, поточно од Севастопол до Новоросијск, по засилените украински напади во последните недели.
Овој ѕверски напад врз украинските цивили е воено злосторство и, очигледно, се спроведува во знак на одмазда за воените порази што ги трпи агресорот на бојното поле.
Џ. Д. / Цивил Медиа