„Ако немаме здрава животна средина не може да очекуваме дека ќе одиме напред во туристичкиот сектор. Животната средина е можност, но и предизвик“ рече министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.
Таа додаде дека земјата треба да се насочи кон поурамнотежен развој преку превенција и да се практикуваат политики за континуиран економски и социјален напредок без да се наштетува на животната средина.
„Треба да ги почитуваме нашите закони во кои е внесено европското законодавство. Имаме европски закони, сега од нас зависи колку брзо ќе ги спроведеме“ рече Шукова.
Министерката додаде дека приоритетен е секторот за управување со отпад, каде што треба да се вложат заеднички напори за да се воспостави регионална инфраструктура по европски стандарди.
„За тоа ни помага ЕУ, која е активно вклучена од самиот почеток. Ни помагаат и меѓународните финансиски институции кои помагаат во овој процес“ рече Шукова.