За опструкциите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со негласањето на уставните измени со што практично се стопира патот на Северна Македонија до полноправно членство во Европската унија, Џелал Хоџиќ, претседател на Странката на Демократска акција на Македонија (СДА), во изјава за Фронтлајн вели – „нашата опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има идеја дека треба да ги стопира европските интеграции и остварувањето на стратешката цел на државата – членство во ЕУ, со верување дека таквата политика ќе ги донесе на власт на следните избори, кога и тие да се случат“.
– Тргнувајќи од ова размислување, опозицијата се надева дека евентуалните предвремени парламентарни избори ќе донесат дополнителен ветар во грб на нивната идеја дека со блокирањето на стратешката цел на државата ќе доведе до пораз на проевропската коалиција, вели Хоџиќ.
Како што нагласува Хоџиќ, „одговорот на оваа неодговорна политика, која поради партиски рејтинг има за цел да сопре стратешка цел на државата, би требало да биде дополнителна кохезија, поголема координација и мобилизирање на проевропските сили во проевропскиот блок, со цел да не влеземе како држава во нова изолација и да изгубиме уште една деценија, како што тоа ни се случи после НАТО самитот во Букурешт во 2008 година“.
Тој потенцира дека секое одлагање на решавањето на предизвиците денес, ќе значи поскапа цена за нашето општество во иднина. А ние немаме алтернатива на патот кон ЕУ, вели Хоџиќ за „Фронтлајн“.
Д. Јонузи