РИБАРО
Ех внучко мој, како ни е закцано ова историски со ВМРО, ТМОРО, МРО, па сè до БМБРО или МВРО-ДПМНЕ, небаре шпанска, турска и индиска серија во едно е. Те овој рекол не се сеќава баш ама мисли дека вакво е името, те оној првиот соработник му го збрцал в грб ножот на вториот одма до него, те оној ги предал и испотепал конкурентите што претендирале за водачи на организацијата… Па имаш после без конгрес, па со конгрес, па со помазание на бугарската влада, па со помазание на Советскиот сојуз, па мајски договори, па декемвриски ѓурултии, па февруарски сценарија и априлски тепања.
Инаку, за да го разбереш семејното стебло на ВМРО, внучко мој, ти треба бааѓи концентрација и предзнаење. Ама оди некако вака:
Прва свастика на ТМОРО му е шурнајка за снаа на ДПМНЕ, а јатрвата од сват на првиот братучед му е золва од стрина на баџанакот на МРО кој беше заклан од втората свеска на кумашинот оти овој бил во вонбрачна врска со БМБРО.
И во сета калакурница, се чини има само една константа – дејството речиси и да не мрда од Софија и од мајка им Б’лгарија, му беседел дедото на внукот за празникот што од грујово време па навака се слави во државата ни.
А, ма па, дедо, ние зошто денес сè уште имаме државен празник на таква небиднина?
Е зошто де, дедино паметно детуле? Зошто?!
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK